Во Србија утре ќе се одржат редовни избори за Национални совети на 23 национални малцинства, меѓу кои и на македонското малцинство, јави дописникот на МИА од Белград.
На изборите, кои се одржуваат на секои четири години, ќе се избираат членови на Национални совети на 23 национални малцинства, колку се признаени во Србија, од кои 19 малцинства исполниле услови за непосредни избори, а четири национални малцинства – македонското, горанското, хрватското и црногорското членовите ќе ги бираат со електорско собрание.
Изборите за НСНМ утре ќе се одржат на 949 избирачки места, а право на глас имаат 456.199 граѓани кои се имаат пријавено во Посебниот избирчки список.
Македонското малцинство изборите за членовите на Националниот совет ќе ги одржат во Белград, по пат на електорско собрание, поради недоволен број на доброволно запишани гласачи во Посебниот избирачки список, согласно српските закони, што беше случај и на предтходните избори во 2018 година.
Преку електорско собрание првпат свој НСНМ ќе избираат и горанците, од областа Гора во Косово, кои во Србија се признати под ова име како посебно национално малцинство.
На изборите за македонскиот НСНМ ќе учествуваат 59 запишани електори кои треба да изберат 23 члена на македонскиот Национален совет.
Изборите преку електорско собрание се начин на посреден избор на членови на националните совети, бидејќи на тие избори право на глас немаат сите припадници на националното малцинство запишани во посебниот избирачки список, туку само оние кои во законски регулирана процедура се пријавиле и ги исполнија законските услови да бидат електори (избирачи), односно на електорско собрание да избираат членови на својот НСНМ.
Клучен услов одреден избирач да добие статус на електор е со свој потпис да го поддржат одреден број избирачи – кои се изјасниле дека се припадници на македонското национално малцинство.
Бошњаците, Унгарците, Албанците, Ашкалите, Бугарите, Буњевците, Власите, Грците, Египќаните, Германците, Полјаците, Ромите, Романците, Рутенците, Русите, Словаците, Словенците, Украинците и Чесите ќе избираат свои претставници на непосредни избори.
Во повикот за утрешното гласање, Министерството за човекови и малцински права посочи дека малцинските избори се значаен општествен настан не само за националните малцинства во Република Србија, бидејќи националните совети се најважните институции на националните малцинства на кои, според Законот, им се доверени „јавните овластувања да учествуваат во одлучувањето или да одлучуваат самостојно за одредени прашања од областа на културата, образованието, информирањето и службената употреба на јазикот и писмото за да се остварат колективните права на националното малцинство на самоуправување во тие области“.
Националните совети се финансираат од буџетот на Република Србија, од автономната покраина Војводина и единиците на локалната самоуправа и како и останатите организации кои се носители на јавни овластувања, важно е да работат и средствата да ги трошат транспарентно.
Во Србија според пописот од 2011 година, за разлика од минатите години бројот на Македонците опаѓа, или 22.755 лица се изјасниле како припадници на македонската националност, што е околу 0,32 отсто од вкупниот број на жители во Србија.
Според неофицијалните проценки во Србија живеат над 100.000 Македонци.
МИА