Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на активните деловни субјекти во Македонија, во 2018 година, изнесува 72.315 и во однос на 2017 година е зголемен за 1.3 %.
Ова зголемување, главно, се должи на зголемувањето на бројот на активните деловни субјекти во секторот Информации и комуникации (9.9.%, односно за 167 субјекти), Други услужни дејности (8.5 %, односно за 377 субјекти) и во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (8.1 %, односно за 14 субјекти).
Во 2018 година, во однос на претходната, секторот Земјоделство, шумарство и рибарство бележи намалување на бројот на активни деловни субјекти за 2.2 %.
Податоците за структурата на активните деловни субјекти по сектори на дејност покажуваат дека во 2018 година најголемо учество имаат секторите: Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли со 31.7 % и Преработувачка индустрија со 11.1 %.
Најмала застапеност имаат секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (0.3 %), Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (0.3 %) и Рударство и вадење на камен (0.3 %).
Податоците за структурата на активните деловни субјекти според бројот на вработени покажуваат дека најголемо учество од 79.1 % имаат деловните субјекти со 1 до 9 вработени.
Потоа следат деловните субјекти без вработени или субјектите со неутврден број вработени (без податок за вработени) со 11.4 %, па субјектите со 10 до 19 вработени со 4.3 %, потоа субјектите со 20 до 49 вработени, чие учество изнесува 2.9 %, со 1.9 % учествуваат субјектите со 50 до 249 вработени и само 0.3 % од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени.