еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

Воздухот во Скопје под 24 часовен надзор во наредните 12 месеци

На две локации во Скопје денеска се поставени уреди кои ќе собираат примероци за квалитетот на воздухот 24 часа на ден во текот на секое деноноќие во наредните 12 месеци. Со анализа на овие податоци попрецизно ќе се откријат поединечните извори на загадување на воздухот во градот.

Собраните примероци од уредите поставени во Карпош – урбана област и Лисиче – област со индустрија, сообраќај и резиденцијална зона, кои ќе земаат агрегирани 24 часовни примероци на ситните фракции на честички ПМ 2,5 ќе бидат анализирани со користење на референтни методи и строги аналитички протоколи и врз основа на тоа ќе бидат изработени модели кои овозможуваат поврзување на измерената маса на поедини загадувачки материи на дадена локација, со групи на извори на загадување.

Како дел од проектот „Справување со загадувањето во Скопје“, финансиран од Владата на Шведска, а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, со ова почнуваат теренските истражувања во рамките на Студијата за пропорционирање на загадувачите.

Студијата треба да обезбеди информации за поединечните извори на загадување на воздухот во агломерацијата Скопје, како и придонесот на поединечните извори, индустрија, согорување на биомаса, сообраќај, управување со отпад, итн. во вкупното загадување на избраните репрезентативни локации, а кои треба да бидат основа за креирање на ефикасни и реални политики за контрола на загадувањето.

Сите предвидени активности ќе бидат во целост извршени согласно „Референтниот прирачник за пропорционирање на изворите на загадување и изработка на рецепторни модели“, издаден од Заедничкиот Истражувачки Центар на Европската комисија, а финалните резултати ќе бидат објавени кон крајот на 2021 година.

Како дел од проектот „Справување со загадувањето во Скопје“, во финална фаза е и оценувањето и изборот на околу 100 домаќинства во Лисиче, кои ќе бидат поддржани со грантови до 10.000 американски долари по домаќинство за унапредување на енергетската ефикасност на домовите. Тоа предвидува замена на начинот на греење, замена на прозорци, врати, фасади и покриви и други мерки со цел да се зголеми нивото на енергетска ефикасност и да се намали загадувањето во овој дел од Скопје.

ПРОМОТИВНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: Шар Планина и Осоговски планини – две нови заштитени подрачја во Македонија

Редакција

Повик за одбрана: Потребни се луѓе на Водно за континуиран надзор и жив ѕид

Редакција

Спроведување на мерки за подобрување на состојбата со нестандардната депонија Русино

Редакција