еМагазин
Image default
Македонија

Заев: Бугарија не побарала промена на Уставот, се надевам на договор

Македонскиот јазик денес е признат во целиот свет и неговата посебност е впишана во личната карта на нашата држава, во големото семејство на народи и на земји членки на ОН. Како рамноправен со сите светски јазици, се користи слободно секаде низ целиот свет, рече премиерот Зоран Заев денеска во Институтот  „Крсте Мисирков“ на отворањето на меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања (дома и надвор)“ и порача дека со ваквите конференции се испраќа силна порака за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на македонскиот јазик.

Нагласи дека Владата е посветена да го негува и да го унапредува и затоа го прогласи 5 Мај за Ден на македонскиот јазик, Правописот го направи достапен за сите со одлуката да се објави во електронска форма, почна и иницијатива за измени и дополнување на Законот за употребата на македонскиот јазик, а продолжува да ја поддржува и издавачката дејност на Институтот, како и продукцијата на голем број книжевни дела преку Министерството за култура.

Сите тие дела се алатки, рече Заев, кои овозможуваат јазикот да се користи секојдневно и правилно и да се продолжува неговиот живот, нагласувајќи дека тоа треба да го прави секој од нас затоа што јазикот сме сите ние.

„Сè дури постои македонскиот јазик, ќе постојат и Македонците. Сè дури постојат Македонците, ќе постои и македонскиот јазик. Тие две нешта не можат едно без друго, затоа што тие постоеле, постојат и ќе постојат во убавата и нераскинлива симбиоза.

Тоа е јазикот на книжевниците кои оставаат печат на своето творештво, тоа е јазикот на кој се школувале генерации успешни академици, доктори, инженери, новинари, културни работници и сите останати. Тоа е јазикот кој се изучувал на 30-ина универзитети низ целиот свет и денеска продолжува да се изучува.

И конечно, тоа е и мојот јазик, јазикот на мојата мајка, учителка во пензија, која целиот свој работен век образуваше и воспитуваше огромен број ученици. Тоа е јазикот со кој живееме, со кој се сакаме и со кој споделуваме добро и зло, се радуваме и тагуваме,“ истакна Заев.

Во однос на проблемите со Бугарија, тој верува дека ќе има договор, бидејќи како што кажа и бугарскиот премиер Бојко Борис кога бил овде испратил порака дека ја признава реалноста на македонскиот јазик. Исто така додаде дека Бугарија не побарала промена на Уставот.

Директорката Елена Јованова-Грујовска очекува за идната година електронско издание на  Толковниот речник и дека во буџетот за 2021 година ќе бидат обезбедени средства за 15 вработувања во Институтот за македонски јазик, а најмалку уште толку, рече таа, и за другите национални институти.

„Во моментов Министерството за образование и наука (МОН) интензивно работи на законско решение за нашите колеги на кои им треба уште извесно време за завршување на докторатите. Со продолжување на рокот за уште пет години, Министерството покажува грижа за научниот кадар во сите фази од развојот.

Солидарни сме со колегите и искажуваме молба до министерката и премиерот за поскоро решавање на проблемот за да можеме сите да земеме плата. Останува уште повторното финансирање на проектите што е замрено веќе десет години, рече Јованова-Грујовска во поздравното обраќање.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Благодариме „браќа“ Бугари што ни го јакнете идентитетот

Директорката на Институтот за македонски јазик, Јованова-Грујовска: Проблемот е измислен, македонскиот јазик е реалност и таа тема е за нас завршена

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пристигна нова пратка од 12.870 дози вакцини „Фајзер“

Редакција

(Фото) Владата се уште држи седници без заштита на министрите против корона вирусот

Редакција

Одбележување на 76 годишнината од прогонството на Македонците од Егејскиот дел на Македонија

Редакција