еМагазин
Image default
Македонија

Заев: Ќе реагираме на ставот на БАН за негирање на постоењето на македонскиот јазик

Македонија ќе реагира на оценката на Бугарската академија на науките (БАН) дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, најави денеска премиерот Зоран Заев.

– Ќе реагираме поради тоа што тоа прашање е дел од прашањето за решавање на проблемите помеѓу Македонија и Бугарија во Договорот за добрососедство и пријателство. Првите чекори се направени. Верувам дека тоа мораме да го решиме. Јас не ја знам реакцијата, сега ја слушам од вас. Секако ќе реагираме и преку МНР и ќе ги направиме сите наши коментари откако ќе прочитаме што е самата реакција, изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Запрашан дали тоа може да значи суспендирање на преговорите со Бугарија, премиерот Заев нагласи дека Договорот со Бугарија е „внимателно испишан од двата народи заради идентитетските прашања“ и е потпишан на македонски и на бугарски јазик „согласно уставите на двете држави“.

– Таа формулација согласно уставите на државата во самиот договор покажува дека Бугарија се уште не е на чисто со признавањето на нашиот македонски јазик. Тоа е прашање што остана да го решиме низ имплементацијата на договорот и јас верувам и уште еднаш апелирам ако сме Европејци и ако се залагаме за европска демократија и за европските вредности и права, тоа прашање час поскоро да го надминеме, изјави Заев.

Тој нагласи дека верува оти во периодот што претстои пред нас, многу брзо ќе биде надминато тоа прашање.

– Јас можам така робусно да кажам готово ние тука ќе прекинеме се, но тоа не е политиката што ја водам. Јас сум внимателен политичар низ политиката. Низ пријателство ќе ги најдеме решенијата, но дефинитивно ние сме Македонци кои зборуваме на македонски јазик, најголемиот дел од граѓаните, секако сме мултиетничка земја и на другите етнички заедници кои живеат тука.

Очекувам пријателска Бугарија да го надмине ова прашање и да го реши во делокругот на решавањето на оние проблематики што се составен дел на договорот, односно на решавањето на проблемите како што е Гоце Делчев или другите прашања како проблематики што се решаваат, додаде Заев одговарајќи на новинарски прашање.

МИА/Фото: Влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Твитер во „црвено“ за негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарската академија на науките

За Бугарската академија на науките македонскиот јазик не постои, бил наречје на бугарскиот

Институт за македонска литература: Со ставот на Бугарската академија на науките се негира македонскиот идентитет

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Директорот на „Службен весник“ во самоизолација, бил во контакт со Лукаревска

Редакција

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Пиксел груп добила 203 илјади евра државна помош, еден ден откако Ковачевски станал мандатар

Редакција

Тројца вработени од МВР позитивни на коронавирусот

Редакција