Премиерот Зоран Заев прашан во врска со ставот на вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи дека има обезбедено двотретинско мнозинство, но дека се молчи, бидејќи се врши притисок врз пратениците од опозицијата и колку има вистина во тоа, рече дека и вчера во Собранието разговарал со пратениците.
– Сите се свесни и на сите им е јасно дека нема план Б. Ако оваа можност пропадне што после. Сите се ужаснати од помислата што после ако пропадне оваа можност. Бројката е огромна дури од опозицијата, голема е заради тоа што луѓето веруваат, тоа се општественици луѓе, и политичари, пратенции и сл. Веројатно заканата, непријатниот момент кој го живеат и доживуваат се причини до крај да не направат експресија на своите ставови, рече Заев.
Потенцира дека сите тие се одговорни личности, и мнозинството и она што е опозиција во Парламентот, сите се одговорни, сите знаат многу добро, исто како него дека оваа шанса треба да се искористи, заради тоа што е неповторлива.
– Сите знаат дека договорот од Преспа е фер и правичен, дека подобар не може да има, дека без договор нема ЕУ и НАТО, а без тоа нема економски прогрес, инвестиции, раст и развој, нема квалитетен живот дома. Верувам дека покрај дебатата, вчера почна да се создава амбиент на преземање одговорност, секој да си ги каже своите резерви, својата болка, својата мака, но на крајот на денот на гласањето треба да бидеме сите исправени и да донесеме храбра одлука, одлука за иднината на Македонија, посочи Заев.
На прашање дали смета дека со примена на притисок и закани, а зборувајќи во име на демократијата може да се направи промена на ставовите кај оние кои се спротивни, рече „не, апсолутно не, секоја помисла дека некој со притисок, со пари, поткуп, закани, уцени би направил нешто, на вториот чекор ќе падне сето тоа“.
– Ова мора да е одржливо, ова мора да има иднина, мора луѓето да веруваат во тоа и да ја носат одговорноста при тоа, само така е возможно. Затоа цело време ги користам зборовите „пријатна атмосфера, благопријатна атмосфера, разговор, интерактивност“, рече Заев.
Нагласи дека Македонија ќе оди кон ЕУ и НАТО и тој пред се и над се е оптимист, заради тоа што веројатно е најупатен и најинформиран поради функцијата што ја има. Нема друга иднина за Македонија, истакна, освен интеграцијата во НАТО и ЕУ.
– Оваа работа ќе биде. Прашањето е само дали брзо ќе биде, дали ќе дозволиме Македонија повеќе да не губи денови, месеци, години како што изгуби во минатото. Затоа е важна целата одговорност на секој поединец, пратеник, полтичар. Апелирам уште еднаш до опозицијата за разумност, немаме план Б, го нема до ден денеска на маса, нема алтернатива. Сите сме должни да се исправиме пред одговорот што ако ова пропадне, должни сме пред нашите граѓани. Ајде да ги оставиме настрана сите наши политички партии и да ја ставиме во примат Македонија, да донесеме одлуки онака како што вреди и сме одговорни пред граѓаните, додаде Заев, одговарајќи на новинарски прашања по врачувањето на државната награда „11 Октомври“ во Собранието.
МИА/Фото: Влада
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Османи вели дека е обезбедено двотретинско мнозинство за уставните измени
Сите детали од владиниот предлог за промена на Уставот