Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева денеска изјави дека нејзината земја ќе ја сноси одговорноста доколку Северна Македонија не започне преговори со Европската унија, како и дека Скопје треба да го искористи еднонеделното одложување на состанокот на Советот на ЕУ за разговори.
-Нашите услови не се сменети повеќе години. Мене ме чуди дека тоа е нешто ново за вас. Да ќе ја сносиме нашата одговорност, но многу би сакала и колегите од Скопје да ја имаат нивната одговорност и да ја сносат бидејќи имаме германско претседателство во моментов, а тоа е една од земјите основачи.
Не се многу такви, треба тоа да го потенцирам, кои го поддржуваат проширувањето, посебно за земјите од Западен Балкан. Милам дека е шанса што Скопје не треба да ја пропушти, рече Захариев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во рамки на Берлинскиот процес.
Таа посочи дека Софија и Скопје веќе еден месец се обидуваат интензивно да разговараат, но и дека аспектот на добрососедските односи спаѓа во хоризонталните критериуми.
-Ние од пред еден месец се обидуваме да водиме интензивни преговори. Јас повеќе слушам што не треба да се направи, а не што ќе се направи. Советот беше одложен за една недела. Можеби Скопје поинтензивно ќе го искористи ова време, порача Захараиева.
Бугарија се согласи во март Скопје и Тирана да ги започнат преговорите, рече таа нагласувајќи дека оваа одлука во преамбулата има многу јасни услови, а тоа е исполнување на билатералните договори и „нешто друго, добрососедството и хоризонтален критериум“.
-Тоа е со цел кога ќе седнеме на една маса во ЕУ да нема отворени прашања помеѓу државите членки. Берлинскиот процес има три приоритети. Тој е создаден за зближување на земјите од Западен Балкан, полесна интеграција кон европските норми и правила.
Првиот е економска поврзаност, вториот добрососедство и третиот приоритет е безбедност. Јас сум убедена дека не само за Бугарија, добрососедските односи се хоризонтален критериум и тие се многу важен критериум, истакна бугарската министерка за надворешни работи.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева денеска копретседаваат со состанокот на министрите за надворешни работи од Берлинскиот процес за Западен Балкан, во рамки на копретседавањето на процесот од страна на Северна Македонија и Бугарија.
По состанокот прес-конференција одржаа Османи, Захариева и германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.
Средбата на шефовите на дипломатиите претходи на средбата на врвот на процесот утре во Софија, на кој ќе бидат лансирани новиот Акциски план за воспоставување Заеднички регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан, кои беа подготвени под водство на Европската комисија и Советот за регионална соработка.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Германскиот министер Маас без одговор дали со барањата на Бугарија се менуваат фудамените на ЕУ
МИА