Бојан Ковски (26) е еден од ретките уметници во Македонија, кој се занимава со „боди пејнт“ или сликање на човечко тело.
Има завршено на Ликовна академија во Скопје, на отсек сликарство.
Ковски започнува да се ја истражува оваа техника од 2015 година, сосема случајно.
„Предизвикот да се црта на тело е голем. Тоа се движи, не е класично платно, не е рамно“, ни објаснува Бојан.
Какви бои се користат за „боди пејнт“
Од Ковски дознаваме дека за „боди пејнт“, се користат посебни бои, еден вид шминка, бои на водена или маслена база.
Тој ни вели дека бил принуден сам да научи да слика на тело, бидејќи кај нас немало кој да го упати.
Објаснува дека го следел развојот на овој уметнички концепт во светот и тоа му помогнало да си го изгради сопствениот стил.
Како што вели тајната за успешен „боди пејнт“ е едноставна за споделување, а тешка за применување – треба да не пукне делото т.е. бојата. Тоа може да се случи при премалку или премногу нанесена боја или повеќе вода отколку што е потребно.
Бојан веќе има редовни ангажмани за најразлични настани. Последното негово дело, кое го изработуваше за потребите на Соул 091, може да го видите на истата локација.
Може да се живее од уметност во Македонија
Освен што се занимава со „боди пејнт“, Ковски е и сликар, а негова специјалност е масло на платно.
Вели дека бил под влијание на многу светски познати сликари, а за неговите дела вели дека се микс на модерна класика и ЗД ефект со масло (импасто).
Испириран е од своите лични доживувања, а за нас интересно е тоа што никогаш не користи црн тон, бидејќи смета дека црната боја ги гаси останатите бои, ги придушува.
Смета дека и во Македонија комотно може да се живее од уметност.
Неговите дела ќе имате можност да ги видите на изложба која се подготвува за во ноември во Акантус Галерија, а веќе во декември, на следната изложба ќе можете да ги видете неговите „боди пејнт“ принтови.