Здружението на историчарите на Република Македонија денеска со соопштение реагира поради отсуството на Историјата во наставните програми за VI одделение, и бара мораториум на Концепцијата за основно образование.
– Како Здружение на историчарите на Република Македонија, чијашто повеќе од седумдецениска дејност меѓу другото е насочена кон развојот на македонската историографија и унапредувањето на квалитетот на наставата во македонската историја, потсетуваме дека многупати и тоа во повеќе форми, јавно предупредивме на негативните импликации од крајно избрзано донесената Концепција за основно образование, која што беше целосно отфрлена од сите релевантни научни и високообразовни институции, стои во реакцијата.
Здржението поосчува дека на 22 декември 2022 година до Министерството за образование и наука поднеле Барање за повлекување на учебникот по новововедениот предмет „Историја и општество“ за V одделение, поткрепено со критичка анализа на 30 страници, во која нотирале 60 сериозни пропусти и грешки во концепциска, содржинска и методолошка смисла, при што предупредиле дека тие ќе создадат кај учениците погрешни претстави не само за минатото, туку и за сегашноста.
Јавно прашуваат дали овој учебник е повлечен од употреба, со оглед дека посочените пропусти ги надминуваат законски предвидените 30%. Иразуваат увереност дека погрешната концепциско-содржинска поставеност на учебникот е директен резултат на Концепцијата за основно образование, поради што бараат од Министерството да иницира јавна дебата за подготовка на нова Концепција, за да не се повторуваат во иднина недозволиви пропусти.
– Поаѓајќи од тоа, најновата актуелна состојба предизикана од отсуството на Историјата во наставните програми за шесто одделение, за нас како здружение на историчари воопшто не е изненадување. Причината е што ние како здружение, како и генерално историската фела во државата, одбиваме да учествуваме во нивната подготовка, со оглед на нашето неприфаќање на Концепцијата.
На тој начин го изразуваме категоричното противење што со Концепцијата е укинат предметот Историја (воведен во македонската држава од АСНОМ), за сметка на погрешно конципираниот и новоконструиран предмет „Историја и општество“, во кој вештачки се интегрирани предметите историја, граѓанското образование и географија.
Досегашната практика на примената на Концепцијата, недвосмислено ги потврдува нашите претходни оценки дека историјата се маргинализира и деградира, со што се оневозможува суштинското согледување на минатото, од што зависи и иднината на македонската држава. Особено што во Европската унија, каде како демократска држава припаѓаме и чиишто фундаментални вредности ги споделуваме, во суштина историјата како предмет го дефинира идентитетот и свеста за припадноста кон нацијата, се наведува во реакцијата.
Здружението укажува на штетните последици од понатамошното спроведување на Концепцијата во однос на наставата по историја, и застанува во заштита на колегите наставници, чиишто работни места се доведени во прашање поради кратењето на бројот на часови по историја, а што, како што посочуваат, е предизвикано од непромислените новоконципирани наставни планови и програми, со што во крајна линија се ревидира и содржината на македонската историја.
Историјата мора да остане посебен предмет, смета Здружението на историчарите и воедно ги поддржува колегите кои сметат дека предметите Географија, Граѓанско образование, Биологија, Хемија, Физика треба да се изучуваат посебно.
– Предупредуваме дека повторувањето на досегашната практика на избрзано донесување на нови наставни програми за историјата во последен момент, а во конкретниот случај за наставната програма за VI одделение за вештачки конструираниот предмет „Историја и општество“, од што ќе треба да произлезе и експресната подготовка на новиот ревидиран учебник, ќе предизвика крајно штетни последици за македонскиот образовен систем, на што најостро ќе реагираме!, велат историчарите
Бараат од Министерството за образование и наука да стави мораториум на Концепцијата и под итно да организира широка јавна дебата, која ќе биде заснована на сеопфатна анализа која ќе ги артикулира и досегашните негативни импликации од нејзиното воведување, како и ставовите на научната и академската заедница.
Во меѓувреме, додека не се подготви и усвои нова Концепција, бараат да се продолжи со досегашните наставни програми. На тој начин, според нив, ќе се спречат идните штетни последици за учениците, наставниците, како и за севкупниот македонски образовен систем и за граѓаните и државата во целина.
– Усвојувањето на новата Концепција, ќе мора да го одразува научниот, академски и општествен консензус. Само на овој начин, ќе може да се промовира квалитетот во македонското образование, од што ќе произлезат наставни програми и учебници кои ќе бидат на потребното научно и академско ниво, во интерес на учениците, родителите, граѓаните и на државата, а не подредени на задоволување на моменталните политички цели.
Квалитетот на образованието е наша заедничка обврска и должност како историчари и како совесни граѓани, бидејќи младите генерации се столбот на иднината на државата. Во спротивно, како држава и како нација и натаму ќе бидеме на самото дно во однос на квалитетот на образовниот систем во Европа, пиштива во рекцијата на Здружение на историчарите на Република Македонија.