еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Зеленски смета дека следните 24 часа се клучни: До сега има 352 загинати цивили, вклучително и 14 деца

Следните 24 часа ќе бидат клучни за Украина во борбата против руската инвазија, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски во телефонски разговор со британскиот премиер Борис Џонсон, јави украинската државна агенција Укринформ.

„Претседателот Зеленски изјави дека верува оти следните 24 часа се клучниот период за Украина“, се наведува во извештајот.

Британскиот премиер, од своја страна, кажал дека ќе стори се што може за да помогне да се обезбеди одбранбената помош од Обединетото кралство и сојузниците да стигне до Украина.

Како што јави Укринформ, претседателот Зеленски, премиерот Џонсон и полскиот претседател Анджеј Дуда синоќа разговарале за актуелната безбедносна ситуација и се договориле за натамошни заеднички чекори за спротивставување на агресорот.

Во меѓувреме, руската офанзива против главниот град на Украина Киев продолжи во раните утрински часови.

Во северниот дел на Киев, руската војска се обидувала да изгради понтонски мост за да ја премине реката Ирпин, објави Генералштабот на украинската војска на Фејсбук. Од Генералштабот додаваат дека имало уште еден неуспешен обид да се заземе градот Ирпин, во непосредна близина на Киев.

ДПА го пренесува соопштението на руската нова агенција Интерфакс дека руските војници напредувале од јужниот украински град Керсон кон Миколаев.

Украинската државна служба за комуникации во објава на Телеграм соопшти дека проектил погодил резиденција во украинскиот град Чернихив во близина на границата со Белорусија. Деталите за воениот развој не можеа да се проверат од независни извори, потсетува ДПА.

Украинското Министерство за внатрешни работи извести за 352 загинати цивили, вклучително и 14 деца, откако Русија го започна нападот во раните утрински часови во четвртокот.

Според податоците на Министерството, до синоќа се ранети 1.684 лица, вклучувајќи 116 деца.

Украинската војска соопшти дека „загубата“ на рускиот персонал сега изнесува околу 4.500 војници и дека се уништени руски хеликоптери, тенкови и други воени возила.

Русија призна дека имало смртни случаи меѓу нејзините војници за време на борбите во Украина, но не наведе бројка.

Мировни преговори се закажани за денеска, меѓу делегации од руска и украинска страна, кои ќе се одржат на украинско-белоруската граница.

Постојат шпекулации дека Белорусија би можела официјално да се приклучи на војната на страната на Русија, откако украинската новинска агенција UNIAN објави дека белоруските падобранци добиле наредба да заминат за Украина, цитирајќи информации од Андреј Стрижак од белоруската невладина организација Бисол.

Западните сили одговорија со остри санкции, а американскиот претседател Џо Бајден се очекува денеска да има нов телефонски разговор со сојузниците од Европа заради координација на понатамошниот одговор на инвазијата на Русија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Зеленски за претстојната средба со руската делегација: „Не верувам дека ќе постигнеме резултат, но да се обидеме“

Фото: Фејсбук/Зеленски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Поради Бугарија договорот на Фронтекс со Македонија се уште не е потпишан

Редакција

Татко и син од Струмичко убиени во Швајцарија

Редакција

(Фото) Цветен пазар за 8. Март е блокиран: Луѓе, не е крај на светот и утре може да купите цвеќе

Редакција