еМагазин
Image default
Локално

Жител на Добрејци осомничен за убиството на Струмичанец: Телото му го сокрил во метално буре кое го потопил во браната „Турија“

Струмичката полиција поднесе кривична пријава против лицето М.В. (52) од село Добрејци, Струмица, за извршено убиство над Ристо Илјашев (57) од Струмица, кој од 7-ми минатиот месец се водеше како исчезнат.

Хризантема Рендевска, портапролка на СВР Струмица на денешната прес-конференција информираше дека телото на убиениот Илјашев пред два дена било пронајдено во метално буре на браната „Турија“ и по извршената обдукција било утврдено дека смртта настанала по насилен пат.

-По преземените опсежни активности и истражни мерки и врз основа на прибраните материјални докази СВР Струмица на 16 мај оваа година до надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против лице со иницијали М.В. (52) од село Добрејци, Струмица, за извршено кривично дело „Убиство“.

Отворена е истрага, бидејќи постои основано сомнение дека осомничениот на 7. мај оваа година на свиреп и подмолен начин го лишил од живот Ристо Илјашев, а потоа се обидел да го прикрие убиството. Истиот ден судија за претходна постапка во Основен суд Струмица на осомничениото лице му изрече мерка притвор во траење од 30 дена, рече портпаролката Рендевска.

По наредба на јавен обвинител биле преземени повеќе дејствија, извршени претреси на повеќе локации, била организирана опсежна потрага по исчезнатото лице особено во реонот на браната Турија, каде било забележано возилото на осомничениот.

Биле обезбедени и други материјални докази, а дополнително во работилницата, сопственост на осомничениот во село Добрејци, се пронајдени биолошки траги кои потекнувале од жртвата.

-Осомничениот М.В. кривичното дело го извршил на начин што го искористил долгогодишното познатство со оштетениот Ристо Илјашев и на подмолен начин го лишил од живот, при што трагите од извршениот грозоморен чин се обидел да ги сокрие на начин што телото на жртвата го ставил во метално буре и го потопил во водите на вештачкото езеро „Турија“ во Струмица, додаде портпаролката на СВР Струмица, Хризантема Рендевска.

Во соопштението на Основното јавно обвинителство Струмица, пак, се информира дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од село Добрејци кое е осомничено дека сторило кривично дело убиство од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.

Истрагата е отворена, бидејќи постои основано сомнение дека осомничениот на 7 мај на свиреп и подмолен начин го лишил од живот Ристо Илјашев, а потоа се обидел да го прикрие убиството.

-Осомничениот од претходно се познавал со жртвата и на критичниот ден се понудил да го превезе со својот автомобил „фиат пунто“. Од тој момент на Илјашев му се губи секаква трага и тој повеќе од еден месец се водеше како исчезнато лице.

По наредба на јавен обвинител, беа преземени повеќе дејствија, беа извршени претреси на повеќе локации и беше организирана опсежна потрага по исчезнатото лице, особено во реонот на браната Турија, каде што било забележано возилото на осомничениот.

Притоа, со обезбедените снимки од видео надзорот на околни објекти е утврдено дека Илјашев на критичниот ден се качил во автомобилот на осомничениот во Струмица, иако осомниченото лице во своите искази дава контрадикторни информации за тоа дали го превезувал оштетениот.

Дополнително, во работилница во сопственост на осомничениот во село Добрејци беа пронајдени биолошки траги кои потекнуваат од жртвата, стои во соопштението на ОЈО Струмица.

Од струмичкото обвинителство информираат дека на 20 јуни во водите во близина на браната „Турија“ било пронајдено буре во кое се наоѓало тело на починато лице.

-За да се задржи под водата, бурето било оштетено и во него биле поставени тегови. По наредба на јавен обвинител, беше извршена ДНК анализа со која се утврди дека починатото лице е исчезнатиот Илјашев. Тој бил уличен препродавач на девизи, а кај него не биле пронајдени околу 26.000 евра кои, според неговите блиски, ги носел со себе на денот кога исчезнал, се додава во соопштението на ОЈО Струмица.

Основното јавно обвинителство Струмица наредило обдукција на починатото лице, вештачење на неговата облека и на предметите пронајдени во бурето, а се преземаат и дополнителни мерки за целосно расчистување на настанот.

Поради опасност осомничениот да се даде во бегство или да влијае врз сведоците, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Струмица доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

Предлог е прифатен од страна на судот и на лицето му беше определен притвор.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Никој не се јавил на повикот за превозници, ЈСП ќе продолжи со сопствен капацитет да го извршува јавниот превоз, велат од Град Скопје

Редакција

Трагедија: Со возило на Комунална хигиена прегазил колега при собирање смет

Редакција

За секое новороденче во Старо Нагоричане, 6.000 денари

Редакција