Блаже Андонов од кавадаречкото село Возарци прими вакцина против коронавирусот во Велика Британија, каде живее и работи веќе неколку години.
– Нема што да мислам, се решивме и ја примивме вакцината со сопругата. Заедно работиме во дом за стари лица и пред да се вакцинираме се консултиравме со доктор, кој ни кажуваше дека вакцината не е опасна.
Се вакцинираа и нашите главни менаџери, Англичани, но и повеќе други наши колеги, ми се чини засега повеќето од половина од вработените. Знаев дека еднаш, секако, треба да ја примам оваа вакцина, па дали сега или подоцна…, раскажа тој за МИА.
Станува збор за англиската вакцина од Универзитетот Оксфорд и фармацевтската куќа „АстраЗеника”. Таа се прима во две дози. Следната доза, како што им било кажано, ќе ја примат за десет седмици.
– Се чувствуваме добро, имаме само мало печење на раката, ама се чувствуваме нормално како по секоја примена вакцина, ништо посебно. Јас ја примив вакцината вчера претпладне околу десет часот и потоа веднаш најнормално си продолжив со работа како асистент во кујната на домот, рече Андонов.
Тие и понатаму мораат да носат заштитни маски на устата и да одржуваат дистанца и не знаат кога ќе им биде дозволено да функционираат без нив.
Тој нагласи дека разговарал и со други луѓе таму, повеќето биле расположени да се вакцинираат.
– Во моментов за да дојде човек овде од друга држава, потребен му е негативен тест за вирусот Ковид-19 и плус ќе треба да биде во десетдневен карантин. Уште не се знае дали во иднина при патување во други земји ќе треба да се покаже доказ за примена вакцина против коронавирусот, појасни овој кавадарчанец во Велика Британија.
Како и да е, тој се надева дека пандемијата од вирусот ќе заврши што е можно побрзо и ќе можат нормално, како порано, да патуваат надвор од Велика Британија, особено во родното Кавадарци.
МИА