Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села смета дека предвремени парламентарни избори треба да има во октомври доколку земјава не добие датум за преговори на Самитот на Европската унија во јуни.
По денешната седница на Претседателството на партијата, Села изјави дека власта нема легитимитет и кредибилитет до редовните парламентарни избори во 2024 година.
-Останат е уште еден мал период, а тоа е 22 јуни, кога треба да се одржи Самиот на министрите, а земјите на ЕУ и главното ветување на сите политички партии е интерграцијата во ЕУ, односно датум за преговори и одржување на првата Меѓувладина седница меѓу Северна Македонија и ЕУ.
Ако тоа не се случи, мислам дека Владата треба да падне и да се оди на избори во октомври, изјави Села.
Според него, најавата на опозицијата за блокирање на работата на Собранието е легитимно автономно одлучување на секој политички субјект, но потенцира дека и нивната партија како посебен политички субјект бара да се почитува политичкото дејствување.
Тие деновиве сакаат да предложат нови закони за усвојување до Собранието.
-Дадовме Предлог закон за игри на среќа. До Собранието доставени се и измени на Законот за основно и средно образование за да се укине делот за заменски наставници. Очекувам да гласаат партиите за ова и да придонесат државата да стане демократска.
Во нашата агенда е и предлогот за закон за правична застапеност кој сакаме деновиве да го доставиме до Собранието. Имаме предвидено застапеност по етничка линија, полова линија, да се реши еднаш засекогаш 50/50 застапеноста мажи – жени во институции, рече Села.
На денешното претседателство на партијата, Арбен Таравари е избран за единствен потпретседател на партијата.
МИА/Фото: Села/Фејсбук