Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ продолжува со серијата проекции во рамки на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“.
Третиот блок од серијата ќе се одржи денеска, со почеток во 18 часот, во „Јуроп хаус Струга“, каде ќе биде прикажан документарниот филм „Чуварите на Амазон“ (We are guardians), а по проекцијата ќе следи дискусија за заштитата на животната средина, поврзувајќи ги предизвиците на дождовните шуми во Амазон со регионот Охрид-Струга.
Со цел да се истражи значењето на активизмот и одржливите практики за заштита на природната средина, говорници на дискусијата ќе бидат Дарко Ќитаноски („Еко-свест“ – Вевчани), Наум Илиески („Еко-свест“ – Вевчани) и Владимир Трајановски (СОС – Охрид).
Дебатата ќе биде на македонски јазик (со можност за превод на албански јазик), додека проекцијата на филмот е со титл на англиски јазик.
Документарниот филм „Чуварите на Амазон“ (We are guardians) на Едиван Гујајара, Челзи Грин и Роб Гробман е потресна приказна на разновидна група домородци кои се трудат да го спасат она што остана од бразилскиот Амазон. Филмот стручно ги сецира економските двигатели кои поттикнуваат големо уништување на животната средина, притоа разоткривајќи ја корупцијата и партиската политика кои тоа го овозможуваат.
Проекцијата на документарниот филм и дебатата се одржуваат во соработка со „Movies that Matter“ и „Јуроп хаус Струга“ (Europe House Struga), а поддржани се од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.
Влезот на проекцијата е бесплатен за сите заинтересирани посетители.
Присуството на публиката треба да се потврди на следниов линк: docs.google.com.
Промотивна објава