еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

И по 13 години, изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив не се ставени во употреба

И по изминати 13 години, изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив не се ставени во употреба, но исто така отсуствува долгорочен план за развој на дистрибутивен систем на природен гас во државата, целосно самофинансирање на дејноста – пренос на природниот гас и реализацијата на идните активности за интерконекција со соседните држави, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија за развој на гасификацијата во Македонија.

„Имајќи во предвид дека Процесот на планирањето на гасификацијата на територијата на целата држава е отпочнато во 2010 година, а нејзината имплементацијата е започната по пет години, односно во 2016 година, со ревизијата се утврди дека поголем дел од проектите кои се предвидени со физибилити студијата се отпочнати, но изградбата на истите се одвива со бавна динамика и постојат отстапувања во однос на планираната временска рамка, местоположбата на гасоводите, како и планираните финансиски средства за изградба.

Отсуствува долгорочен план за развој на системот на пренос на природен гас, што има влијание на идните активности за проширување и надградба на системот за пренос на природен гас, како и неговата интерконекција со другите држави,“ се констатира во извештајот.

Државниот завод за ревизија утврдил и дека во изминатиот период, искористеноста на магистралниот гасовод Деве Баир е недоволна и по градовите во државата не постои формално воспоставена дистрибутивна мрежа. Потрошувачите се приклучени директно на преносната мрежа и природниот гас се користи единствено во индустријата и во јавните објекти, но не и во домаќинствата.

„Со ревизијата утврдивме дека и по изминати 13 години, изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив се уште не се ставени во употреба.

Имено, во периодот од 2014 до 2023 година за изградбата на магистралните гасоводи ЛОТ1-61 km (Клечовци- БС5 изграден) , ЛОТ 1 – 36 km (БС5 – Неготино со ГМРС Штип и ГМРС Неготино), ЛОТ 2 (Неготино (Кавадарци) – Битола) и ЛОТ 5 (км Гостивар-Кичево, Одобрение за градење) склучени се договори и анекси кон договорите, како и договори за непредвидени и дополнителни работи во вкупен износ од приближно 156,4 милиони евра.

Најголем дел од нив иако се изградени сѐ уште не се ставени во употреба. Причини за ваквата состојба се слабостите во делот на запишување на правото на сопственост на линиските инфраструктурни објекти, но и бавното решавање на предметите за експропријација за коишто во периодот од 2018 до 2022 година биле исплатени приближно 2 милиони евра.

Утврдени се и слабости во следењето на реализацијата на договорите за изградба и надзорот над изградбата на магистралните гасоводи, како и во начинот на одржување на гасоводната мрежа,“ се вели во извештајот.

За делниците кои не се изградени, а за кои се набавени материјали и резервни делови е утврдено несоодветно управување со нивната залиха, што претставува ризик од нерационално трошење на јавни средства. Имено, ревизорите утврдиле постоење на залихи на материјали и резервни делови, со вкупна вредност од приближно 1,6 милиони евра, кои се набавена пред 2019 година и истите не се користат, со што се доведува во прашање потребата од нивна набавка како и можноста истите да бидат застарени и неупотребливи.

„Набавени се значајна вредност на резервни делови и материјали за завршување на гасоводниот прстен околу градот Скопје, кој поради недоволна координација со надлежните служби на Град Скопје, не е завршен и на тоа место е изградена нова сообраќајница, поради што во иднина за да се затвори гасоводниот прстен околу градот ќе треба да се прават дополнителни активности и расходи,“ стои во извештајот.

Во извештајот истакнати се и состојбите кои се однесуваат на решавањето на долгогодишниот спор помеѓу Владата и АД за промет со нафта и нафтени деривати Скопје, преку откуп на акцијата на АД во ГА-МА, за што е донесен закон и направена е Проценка на капиталот на ГА-МА.

Утврдено е дека проценетата вредност од 65,5 милини евра не е евидентирана во сметководствената евиденција на ГА–МА, ниту како основна главнина е впишана во Централниот депозитар на хартии од вредност и во Централниот регистар.

Ревизорите укажуваат и на потребите за развивање на дистрибутивен систем на природен гас во државата, целосно самофинансирање на дејноста – пренос на природниот гас и реализацијата на идните активности за интерконекција со соседните држави.

За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности за развој на гасификација на државата, со што би се постигнало добивање на поевтин енергенс, пониски трошоци, заштита на животната средина, подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, поврзување со соседните држави и поголема конкурентност на стопанството на странските пазари.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

НЛБ Банка се одзва на повикот на Народна банка: Нема да се дели дивиденда

Редакција

Актуелните правила и протоколи за влез во Грција продолжени до 7 јуни

Редакција

Работел за двајца претседатели: Кој е Стево Пендаровски, еден од можните кандидати за претседател на државата

Редакција