Во организација на Жан Митрев Клиник и Македонското здружение за кардиологија, се одржа првата Школа за напредната срцева слабост, информираат од таму.
Целта на организирање на Школата е пренесување на новини во лекувањето, примена на нови процедури и оценка на актуелната ситуација во поглед на примена на напредни третмани во Македонија во споредба со регионот.
На школата зедоа учество повеќе од 80 доктори кардиолози во приватно и јавно здравство од цела Македонија.
„Срцевата слабост е застапена кај повеќе од половината од вкупните кардиоваскуларни заболувања што се појавуваат во Европа. Истовремено во последнава деценија се случуваат права револуција во лекувањето како медикаментозно така и немедикаментозно во оваа област.
Имајќи го сето тоа предвид како и новите европски водичи за лекување на срцевата слабост, Македонското здружени за кардиологија како членка на Европското здружение за кардиологија ја даде својата поддршка на Клиника Жан Митрев за оваа иницијатива и организирање на првата школа за срцева слабост“, истакна проф. д-р Маријан Бошевски, претседател на Македонското здружение за кардиологија.
Искусни професионалци од меѓународен ранг, од регионот и од земјата со признати достигнувања во полето ги претставија своите заклучоци и методи. Гости предавачи беа и еминентни имиња од регионот проф. д-р Иван Кнежевиќ и проф. д-р Бојан Вртовец од Клиничкиот болнички центар во Љубљана, Словенија, како и доц. д-р Дејана Поповиќ од Универзитетскиот клинички центар во Белград, Србија.
Од домашните специјалисти пред присутните предаваа доц. д-р Тања Анѓушева и проф. д-р Милка Клинчева од Жан Митрев Клиник, проф. д-р Маријан Бошевски, претседател на Македонското здружение за кардиологија, проф. д-р Елизабета Србиновска Костовска и доц. д-р Ирена Митевска од Клиниката за кардиологија при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и доц. д-р Планинка Зафировска од Факултетот за медицински науки при Универзитетот Гоце Делчев-Штип.
Школата е акредитирана од страна на Лекарската комора на Македонија, а под покровителство на компаниите за медицинска опрема АББОТ со Синерџи и Би-Мек.