Полициски службеник пред девет дена наредил да не биде казнет Д.С., братот на градоначалникот на скопска Гази Баба, Бобан Стефковски, кој возел 88 километри на час, наместо дозволените 50.
Наместо него е казнет сосема друг граѓанин кој воопшто нема врска со сторениот прекршок.
Откако информацијата заврши во медиумите, а од опозициската СДСМ објавија и видео, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски за телевизијата Сител најави кривична одговорност за службеникот.
Службеникот според Тошковски направил два прекршоци. Постапил спротивно на неговите законски овластувања и дозволил братот на градоначалникот да помине без соодветна казна што требало да му биде изречена, а вториот прекршок е што недолжен граѓанин, кој не е поврзан со настанот, го навел во рамки на документацијата што се изготвува од страна на Министерството за внaтрешни работи, со што сторил кривично дело.
Братот пак на градоначалник вчера, според Тошковски, сам се пријавил во полициската станица „Пролет“ во Скопје и му била изречена прекршочна парична казна од 300 евра. Ќе се процесуира и забрана за управување со моторно возило.
Фото: МВР/видео: СДСМ