Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека шефот на военото разузнавање Ахарон Халива поднел оставка поради неуспехот да го спречи терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7. октомври минатата година, кога беше извршен напад врз Израел и беа убиени 1.200 лица и киднапирани околу 250, што предизвика војна во Газа.
Во својата оставка Халива повика на формирање комисија „која темелно, продлабочено, сеопфатно и прецизно ќе ги истражи и открие сите фактори и околности кои доведоа до тешките настани“.
„Во координација со началникот на Генералштабот, началникот на Управата за разузнавање, генерал-мајор Ахарон Халива, побара да ја прекине функцијата, по неговата лидерска одговорност како началник на Управата за разузнавање за настаните од 7. октомври.
Началникот на Генералштабот му се заблагодари на генерал-мајор Ахарон Халива за неговата 38-годишна служба во ИДФ, за време на која тој даде значителен придонес за безбедноста на државата Израел и како борбен војник и како командант“, се вели во објава на ИДФ на социјалните мрежи.
Ова е прва оставка на генерал од израелскиот Генералштаб, а тој една недела по нападот на Хамас изјави дека ја сноси целосната одговорност.
Фото: Unsplash