еМагазин
Image default
Техно ТОП СТОРИИ

Отворена Лабораторија за напредни и одржливи материјали на ТМФ финансирана од НАТО

На Технолошко – металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, денеска, беше отворена Лабораторија за напредни и одржливи материјали во вредност од 90.000 евра.

Лабораторијата ќе овозможи да се развие иновативна технологија за мултифункционална војничка униформа која ќе биде огноотпорна, ќе штити од микроорганизми и УВ-зрачење, а преку промена на боја ќе детектира нервни гасови.

Лабораторијата се отвора во рамки на проектот  „Нанопревлаки за добивање повеќезаштитни текстилни материјали за војничка униформа“ кои го реализираат стручни тимови од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, Технолошко-металуршкиот факултет во Белград, Србија и од Тексас А & М Универзитетот во САД, а го финансира Програмата НАТО наука за мир и безбедност.

„Овие својства ќе се постигнат со новата слој-по-слој техника за нанесување нанопревлаки на површината на материјалите со користење на хемикалии од обновливи извори. Овие нанопревлаки овозможуваат да се постигнат бараните својства, а униформата да биде лесна и да ги задржи своите комфорни својства.

Проектот го реализираат стручни тимови од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, Технолошко-металуршкиот факултет во Белград, Србија и од Тексас А & М Универзитетот во САД. Посебно сум горд што нашата лабораторија е единствена специјализирана за огноотпорни материјали во Југоисточна Европа и што можеме да вклучиме млади истражувачи“, рече проф. д–р Игор Јорданов, носител на овој проект.

Јорданов дополни дека проектот на кој се работи веќе 3 години е сега во завршна фаза, а а за неколку месеци се очекува да биде изработен и првиот прототип на оваа мултифункционална војничка униформа.

На свеченото отворање на лабораторијата присуствуваше Владимир Анчев, државен секретар во Министерството за одбрана, кое  ќе биде еден од крајните корисници на резултатот од овој проект.

Деканот на ТМФ професор Стефан Кувенџиев искажа задоволство што проектот ќе ја зајакне врската меѓу институцијата со домашната индустрија, како и со пошироката научна заедница во регионот.

„Среќен сум што во семејството на лаборатории на ТМФ добиваме уште една нова и модерна лабораторија која ќе биде од интерес на сите во Македонија. Истражувањето и проектот ќе придонесе да се зголеми капацитетот на институцијата за соработка со домашната индустрија, спроведување на применети проекти и развој на соодветни услови за развој на млади кадри,“ рече Кувенџиев.

На настанот присуствуваше и професорот Џејми Грунлан од Универзитетот Тексас А&M, кој кажа дека оваа истражувачка инфраструктура е основа да продолжи соработката меѓу двата универзитети.

Во рамките на нашата држава, но и регионот проектот креира одлична можност во иднина лабораторијата да се користи и за тестирање на огноотпорни, антимикробни, УВ-заштитни и индикативни својства за различни материјали.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Топ пет компании од Македонската берза со најголема добивка: Големите банки на врвот

Редакција

До сабота топло, викендот можни попладневни врнежи

Редакција

Да и помогнеме на Дијана во лекувањето

Редакција