Министерот за здравство Арбен Таравари изнесе низа пропусти во лекувањето на 14-месечното бебе во Клиниката за детски болести и Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“.
Во извештаите биле констатирани системски, технички и стручни недостатоци. Еден од нив е што е направен превид во проценката за потреба од хоспитализација при вториот преглед на бебето на Клиниката за детски болести извршен на 3. октомври годинава. Бебето не било навреме воведено во третман за респираторна и кислородна поддршка, односно на механичка вентилација.
„Во делот на системски недостатоци констатирано е непостоење на препораки или алгоритми за тријажа на пациентите при прием и понатамошен третман.
Во однос на техничките недостатоци во болницата во „Козле“ е констатирана потреба од соодветна апаратура за пружање респираторна поддршка, инвазивна и неинвазивна. Констатирана е потреба од обезбедување на видео ларингоскоп на Детската клиника, како и организирање на транспортот на пациентите од една во друга установа.
Во „Козле“, е констатирана неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните тешкотии и третманот,“ изјави Таравари.
Извештајот од Комисијата ќе биде испратен до Клиниката за детски болести и до Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“, како и до Етичката комисија на Лекарската комора.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: МЗ