Денеска, се одржа третиот протестен марш на кој граѓаните бараа правда за 22-годишната Фросина Кулакова, но и за други жртви во сообраќајот за кои, правдата не е задоволена.
Граѓани бараа правда и за загинатите во сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци.
Заедно со семејството на Фросина, маршот го предводеа и родители со фотографии од нивните загинати деца, кои се пожалија на селективна правда и застарени судски предмети.
Росица Кулакова, сестрата на Фросина, побара нов систем кој ќе функционира подеднакво за сите и правдата да не биде селективна.
„Да не заборавиме зошто сме сите тука. Ова не е политички проблем, туку системски проблем кој опстојува 30-тина години наназад. Повикувам никој да не ја злоупотреби нашата семејна трагедија, трагедијата на семејствата на Теодора, на Викторија, итн.
Наместо да продолжиме да го делиме народот политички, време е да се обединиме сите заедно, само така може да го собориме криминалниот и корумпиран систем којшто нас нè покосува.
Овде сме да бараме правда за сите обесправени семејства, за Оливер, за Викторија, за Фросина Кулакова, за Фросина Цековска, тие веќе немаат глас, но ние сме нивниот глас. Правда мора да има,“ порача Кулакова.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков рече дека како родители ќе притискаат за да дојде правдата.
„Во сообраќајот има жртви секој втор ден. Одиме пред Парламентот за да се заострат законите и да побараме контрола, бидејќи ако ги носат законите ние до сега не сме виделе никаква контрола врз донесените нивни закони, како и да се активираат сите институции со своите контролни механизми,“ рече Кулаков.
„Ние сме гласот на Фросина, валкани пари – смртни последици“ пишуваше на големиот црн транспарент, кој беше носен на маршот кој започна пред Универзална сала, потоа продолжи пред Владата, па пред Собранието и заврши пред Апелациониот суд во Скопје.
Фото/видео: Мартин Колоски/Радио Моф