еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Антикорупциска пред Уставен ќе го оспори балансерот за вработувањата по националност

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) пред Уставниот суд ќе поднесе иницијатива за преиспитување на алатката балансер, која овозможува вработувања во државните и јавни институции според етничка припадност, пренесува агенцијата Мета.

Антикорупционерите изготвиле анализа во однос на тоа колку ваквиот вид вработувања носат можни ризици за корупција и ризици за трговија со влијанија, а при изготвувањето на анализата, Министерството за политички систем и односи со заедниците раководено од Артан Груби воопшто не им доставило одговори за начинот на кој се спроведуваат вработувањата.

Овие одговори сега антикорупционерите ќе ги бараат од Владата, за да се види каков ефект е постигнат со балансерот, бројката на нераспределени лица во институциите опфатени со Рамковниот договор, причините зошто се распишуваат нови огласи за вработувања каде што националноста е наведена како предуслов, итн.

„Во рамките на балансерот, етничката припадност е основа за распределба на работните места. При конкурирањето кандидатите многу често пишуваат етничка припадност која што се бара на конкурсот, а воедно можат да конкурираат и на неколку работни места со различна национална припадност.

Сметам дека балансерот е спротивен на Уставот, односно правото на вработување да се врши исклучиво според етничката припадност ги принудува граѓаните според тоа да се изјаснуваат за нивната националност, а не врз база на нивното чувство“, рече членот на комисијата Владимир Георгиев.

Нури Бајрами, член на ДКСК рече дека балансерот произлегува од Рамковниот договор, а потоа обврската за вработувањата паднале на Генералниот секретаријат на Владата, па на Министерството за политички систем и односи со заедниците, кое распишува огласи за вработувања не за себе, туку за вработувања во други институции.

„Балансерот беше алатка плус да се преземат оние лица кои со години се водеа како вработени, а не одеа на работа. И ние Албанците знаеме дека тој се злоупотребува и сметам дека треба да се провери уставноста на законите каде што фигурира балансерот“, рече Бајрами.

Дел од членовите на ДКСК сметаа, а останатите се согласија дека потребна е конкретна информација од Владата за тоа колку лица останале нераспределени, зошто се распишуваат нови огласи и какви се ефектите од балансерот, но и дали воопшто во иднина е потребен.

„Балансерот се злоупотребува, нема повеќе никаква функција, секој да се пишува според националност согласно потребите од огласите за вработување“, рече Георгиев.

Сите 7 члена на ДКСК гласаа да се даде на преиспитување алатката, секаде каде што е содржана, пред Уставниот суд. За поднесување иницијатива за проверка на законитоста на Законот за преземање на административни службеници гласаа четворица од членовите, а едногласно беше донесена одлука од Владата да се побараат сите информации во врска со „рамковните“ вработувања.

Деталната анализа на Државната комисија за спречување на корупцијата за вработувањата врз основа на етничка припадност ќе биде објавена наскоро.

Според презентираните податоци, во Министерството за политички систем 85 отсто Албанци, во Министерството за економија 45 отсто, а во здравство 30 отсто.

Над 300 институции досега го имаат прекршено балансерот при вработувањата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Дирекцијата за заштита и спасување вработува етнички Албанци во Кратово, Радовиш и Делчево

Оглас за вработување по етничка основа и во Агенцијата за катастар на недвижности

Огласи за вработување на дрвосечачи Албанци, во Берово, Кавадарци, Демир Капија

Мета/Фото: Уставен суд

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Судењето за „Титаник 2“ на СЈО продолжува на 18 декември

Редакција

Нема починати од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Редакција

Промет од милион евра со акциите на УНИ банка за осум месеци

Редакција