Апелацискиот суд Скопје ја укина првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје со која сопственикот и управител на фирмата „Беса транс“, Беким Хаџиу, во март годинава, беше осуден на една година и осум месеци затвор за фалсификување исправа за автобусот со кој во ноември 2021 година во трагична несреќа во Бугарија загинаа 45 лица, претежно македонски државјани, потврдија од Судот за државната новинска агенција МИА.
Од Судот велат и дека предметот е вратен во повторно судење.
„Одлуката е укината, жалбите на обвинетиот како физичко и правно лице се уважени. По жалбите и по службена должност пресудата е укината и предметот е вратен на повторно судење“, велат од таму.
Одлуката веќе била анонимизирана и ќе биде јавно објавена на веб-страницата на судот.
Покрај затворската казна за Хаџуи, Судот ѝ изрече парична казна на неговата фирма од 800.000 денари (околу 13.000 евра), како и забрана за добивање лиценца за патен превоз во рок од четири години од правосилноста на пресудата.