А1 Македонија со гордост го објавува официјалниот старт на иновативната платформа за едукација, А1 Школа за одговорни инфлуенсери, како дел од програмата #ПодобарОнлајн и дел од континуираната посветеност на промовирањето одговорно онлајн однесување.
Ова уникатно онлајн училиште е креирано со цел да ги унапреди знаењата и вештините на инфлуенсерите, креаторите на содржини и сите активни учесници на социјалните мрежи во поглед на етичкото и одговорно користење на дигиталните платформи.
Иницијативата е насочена кон поддршка на сите што активно го обликуваат дигиталниот простор и влијаат врз современите трендови, поттикнувајќи ги да се грижат за позитивниот и одговорен развој на онлајн заедниците.
A1 Школата за одговорни инфлуенсери нуди содржини што ја обработуваат важноста на одговорното однесување во дигиталниот свет. Курсевите ги опфаќаат темите како што се препознавање несоодветни содржини, справување со онлајн булинг и изградба на позитивни онлајн перцепции.
„Со оваа платформа, целта на А1 Македонија е да ја нагласи важната улога на инфлуенсерите во создавањето здраво и безбедно дигитално окружување. За нас во А1, инфлуенсерите не се само дел од план за маркетинг – тие се личности со глас што допира до многумина, примери што оформуваат ставови и носат вредности.
Затоа сакаме да бидеме нивни сојузници, да ги поддржиме, да учиме заедно и да создаваме простор каде што инфлуенсерството значи одговорност, етика и влијание со интегритет. Веруваме дека токму преку едукација и заеднички ангажман може да изградиме посигурен и поконструктивен дигитален свет за идните генерации.
Како компанија што вложува во општествената одговорност, се гордееме што го отвораме овој дијалог и им даваме активна поддршка на оние што избираат да бидат влијателни на вистински начин“, изјави Бранкица Толевска, раководителка на одделот за корпоративна стратегија, бизнис-трансформација и корпоративни комуникации во А1 Македонија.
Школата за одговорни инфлуенсери нуди пет обемни модули за едукација на инфлуенсерите со цел одговорно креирање и споделување содржини. Овие модули ќе ги водат учесниците низ различни аспекти на дигиталната етика и медиумската писменост, под водство на петмина врвни експерти во својата област.
Публиката има можност да се запознае со значајни теми, како што се: разбирањето на медиумите од страна на децата и улогата на инфлуенсерите во нивниот развој; влијанието на дигиталниот маркетинг врз младите и пошироката публика; како медиумите влијаат врз децата и младите; дигитална добросостојба и создавање позитивни онлајн содржини; како да реагираме кога ќе ни се довери дете што е жртва на злоупотреба на интернет.