еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Годишно Македонија ја напуштаат 2.500 високообразовани кадри со што државата губи 8,34% од БДП

Новиот извештај на Државниот завод ревизија (ДЗР) за периодот од 2013 до 2021 година открива шокатни податоци за одливот на кадри од Македонија.

Според ДЗР годишно од земјава заминуваат по 2.500 високообразовани кадри што ѝ носи директна загуба на државата од 8,34% од домашниот бруто производ (БДП).

Овие и вкупните бројки на македонски граѓани коишто престојуваат надвор од земјава во последната деценија забележуваат континуиран пораст, но државата нема ефикасни мерки со кои ќе го спречи егзодусот.

Ревизорите утврдиле дека државата не води точна евиденција на кадарот што ја напушта земјава, па бројките можат да бидат и поразлични од оние кои се во ревизијата.

Така, според податоците на Државниот завод за статистика во периодот 2015-2022 година бројот на високообразовани кадри кои ја напуштиле земјава изнесува 719 лица. Само во 2022 година, според истите податоци, од земјава заминале 275 високообразовани лица.

За да дадат пореална слика на одливот на кадри и население од земјава ревизорите се повикуваат на процените на Светската Банка, според кои речиси 40% од високообразовниот кадар ја напуштило државата и оние на Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, според кој земјава е на високото 5. место (од 41 европска земја) со 6,4 индексни поени, што јасно покажува дека државата се соочува со голем загуба на таленти.

Ревизорите пресметале дека за овие кадри државата просечно годишно троши по 5 милијарди денари или вкупно за периодот од 8 години потрошила 44,7 милијарди денари (725 милиони евра) што е 0,8% од БДП.

„Доколку на ова се додаде реално изгубеното вложување во образование во овие кадри кое во просек изнесува 3,19% годишно од БДП, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34% од БДП на годишно ниво“, стои во извештајот

Ревизорите утврдиле и дека се доделуваат стипендии за втор и трет циклус на студии во странство без извршена анализа и утврдување кои студиски програми се од јавен интерес за државата и ќе бидат предмет на стипендирање, а Министерството за образование и наука (МОН) нема воспоставено ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските согласно објавениот конкурс и склучените договори.

„Врз основ на извршената анализа ревизијата утврди значителни разлики помеѓу бројот на одобрени квоти и бројот на запишани студенти, што укажува на недостаток на анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката и во корелација со политиките за економски развој на државата“, се вели во извештајот.

Во периодот 2013-2022 година од страна на МОН финансирани се вкупно 150 стипендисти на втор циклус и 6 стипендисти на трет циклус на студии во странство.

„Со анализа на потрошените средства утврдивме дека со конкурсот за 2013/2014 година се доделени стипендии за студирање втор циклус во странство во износ од 27.612.000 денари или околу 450.000 евра со што е надминат предвидениот износ од акцискиот план, што укажува на несоодветно планирање на финансиски средства“, стои во извештајот.

Ревизорите констатираат и разочарувачки бројки на вкупниот одлив на население од земјава. Според нивната анализа, во периодот од 2013 до 2022 година кој се потпира и на статистичките податоци, земјава ја напуштиле вкупно 7.861 лице што, според пресметките, покажува на загубени 5,15% од БДП по тој основ.

Тоа, пак, ја става земјава во Топ 20 земји на најголема емиграција во странство според извештајот на Интернационалната организација за миграција (ИОМ) за 2020 година.

Ревизорите велат дека странските извори на податоци (од меѓународните организации/институции и од земјите на прием) овозможуваат пореална процена на обемот и структурата на емиграцијата. Како посеопфатни податоци за бројот на имигрантите/ емигрантите во одделни земји на прием/потекло може да се издвојат оние на Обединетите Нации и на Светската банка (чии нумерички вредности вообичаено се совпаѓаат).

Тие покажуваат дека вкупниот број на македонски граѓани коишто престојуваат во земјите на прием низ светот во последната деценија забележува континуиран пораст: 527.075 (2010); 562.907 (2015); 658.264 (2019) и 693.900 лица (2020 година).

Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) бројот на емигрирани лица изнесува: 269.533 (2010), 393.421 (2015) и 388.434 (2020) година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кина не им дозволи влез на претставниците на СЗО кои треба да го истражат потеклото на Ковид-19

Редакција

Има ли крај: Разни соеви на Ковид-19 галопирачки се шират во Африка

Редакција

Нема причина за паника од девалвација на денарот, вели вицегувернерката Нацевска

Редакција