Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), Даријан Сотировски денеска како граѓанин поднел претставка до Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација против Општина Тетово и градоначалникот Биљал Касами во врска со настанот на 12. април на тетовскиот Градски стадион.
„Сметам дека јас и жителите со македонска национална припадност сме дискриминирани по основ на потекло, национална припадност и јазик.
Имено, како граѓани имаме рамноправно право за политиките, проектите и настаните на Општината во кои учествуваме преку плаќањето даноци да бидеме информирани на македонски јазик.
На настанот да се чувствуваме добредојдени, нашата култура да е подеднакво претставена, покрај останатите да има изведувачи и Македонци, водителот да говори и на македонски јазик, да се виори македонското знаме и да се интонира македонската химна.
На ревијалниот натпревар да учествуваат фудбалски ветерани и Македонци и да бидат удостоени и македонските фудбалски клубови. Постапувањето на Општината е дискриминирачко и ги сегрегира граѓаните.
Убеден сум дека големото мнозинство жители на Тетово од различна припадност се согласуваат дека градот може да оди напред само кога е пријатно место за живеење на секој еден човек. Но, мора да се согласиме дека тука има и нелуѓе, и нив мора енергично и постојано да ги разобличуваме,“ напиша Сотировски на Фејсбук.
Фото: КОВЗРГ