еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Документарниот филм за Бигорски освои награда за најдобра музика на интернационалниот филмски фестивал „History“

Документарниот филм за Бигорски „1000 години – Сведок на Светлината“, во режија на Илија Ико Каров, освои награда за најдобра музика на интернационалниот филмски фестивал „History“, кој оваа година се одржа во градот Аспарн, Австрија.

„Најголемата заслуга за ова признание е кон македонскиот композитор Горан Трајковски, кого го препознаваме под уметничкото име Готра. Овој плодороден композитор се има потпишано на особено префинета филмска и театарска музика во светот, промовирајќи ја на тој начин македонската продукција,“ изјави Каров по примањето на наградата.

Интернационалниот филмски фестивал „History“ се одвиваше во замокот Шлус Аспарн – Заја, во една топла, спонтана и креативна атмосфера. Поради обемноста на фестивалот, истовремено на три локации низ замокот се проектираа филмови, селектирани според соодветната историска епоха.

„Документарниот филм „1000 години – Сведок на Светлината“ беше емитуван во една соодветна, автентична атмосфера – поконкретно, во објект кој ја сочинува постојаната поставка во дворот на Замокот. Навистина уникатно чувство, кое беше збогатено и со присуството на членови од „средновековната група Скомраси“. Всушност, станува збор за ансамбл, кој преку разни настани и интеракциски пристапи ја негува средновековната средноевропска култура во нејзиното најавтентично издание,“ пишува bigorski.org.mk.

Во своето обраќање сестра Ефимија од Рајчица рече дека монашката заедница од којашто доаѓа е раководена од Убавината, рефлектирана од еден голем и прекрасен човек во чиешто време се прослави илјадалетието на нашиот манастир.

„Тој човек е нашиот Старец, игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Антаниски, г. Партениј. Тој пишува една прогресивна историја, која рефлектира една синхронизирана врска со човештвото, каква што досега не е видена.

Во филмот сите ние зборуваме за една личност која е неверојатна инспирација. Тоа е личноста која пред 30 години реши да остави сѐ зад себе, да се одрече од себеси и сѐ материјално што поседуваше, за да биде смирен слуга на сите. Би сакала да кажам, заедно со сведоштвата на илјадници луѓе до ден денес, дека владиката Партениј револуционерно воспостави хармонија со човекот.

Една деликатна и прекрасна атмосфера на коегзистирање која го промени животот на многумина. Тоа е длабока изјава која звучи неверојатно, но сепак е реалистична кога се работи за човек кој е епитом на љубовта и на меѓучовечката хармонија.

Тој е препознаен како човек со сострадално татковско срце, кој храбро патува низ темните лавиринти на човечката душа за низ траорните нејзини ходници да го пронајде патот преку кој ги изведува сите, но особено оние што очајнички тонат фрлени на дното – небаре непотребни – оние отсечените не само од општеството, туку и од своите семејства,“ изјави сестра Ефимија.

Таа додаде дека ова е првиот македонски филм, кој не извезува очај и беда од југот на Европа; напротив, 1000 години Сведок на Светлината, го отсликува македонскиот феникс синдром во милениумски континуитет.

„Овој филм има прекрасна атмосфера. Јасно се насетува желбата на авторот да го портретира животот на илјадагодишниот манастир и природата што го опкружува во најавтентичен контекст. Музиката е фантастична и го засилува доживувањето додека го гледате филмот,“ изјави директорот на Фестивалот, Роман Шет.

Членот на жири комисијата на Филмскиот фестивал, Ерик Кохлбауер изјави дека „1000 години – Сведок на Светлината е токму она синеастично документарно искуство какво што очекуваме да гледаме на нашиот фестивал.

„Дозволувајќи ни да нурнеме во времето на основањето на Mанастирот и неговиот културно различен македонски регион, преку разиграни сцени, интервјуа од различна гледна точка, уникатна музика и кадри од природата, ние бевме вовлечени во филмот уште на самиот почеток.

Единствената критика ми е што филмот е визуелно толку силен, што јас бев спречен да го гледам непрекинато, па на неколку пати морав да го стопирам и да го враќам назад, за да го препрочитам преводот, зашто се губев во прекрасното осветлување и фотографија, воопшто. Гласовно дублирана верзија на англиски јазик би ја превенирала оваа појава и би ни дозволила полесно да ги восприемаме густите информации и духовната порака полесно,“ додаде Кохлбауер.

Линк до документарниот филм ОВДЕ.

фото: bigorski.org.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

САД го одбија предлогот на Путин за укинување на санкциите кон Русија

Редакција

Измени на правилата за котација на берзата: „Сомнителните“ компании на листа на набљудување

Редакција

Обвинителството ќе вештачи, па ќе одлучува за пиротехничките средства пронајдени во возилото на внукот на Ахмети

Редакција