еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Михајловска: Екстрактивната металургија најдобро се изучува на ТМФ, а се практикува во Макстил

Ружица Михајловска e инженер по екстрактивна металургија во Макстил, помалку невообичаена професија за жена. Нејзината љубов спрема хемијата и физиката, која започна и се развива, уште од основно, а потоа и средно училиште, ја однесе на Технолошко-металуршкиот факултет, отсек Екстрактивна металургија.

„Кога се запишав на Технолошко-металуршкиот факултет, отсек Екстрактивна металургија бев единственото женско, меѓутоа тоа не ми претставуваше пречка да го завршам факултетот на време и со висок просек, што во тоа време беше далеку од вообичаено. Изучувањето на материјата и продлабочувањето во откривање на својствата на металите и што се може да се направи со нив, уште повеќе ме привлекуваше, затоа што тоа е поле што нема крај, постојано се открива некое ново својство, карактеристика или примена, посебно во денешниот, современ живот.

Она што го изучив на студиите, а научив многу, ми го наметна предизвикот да го применам, практично и со работа, а и тогаш како и денес, подобро место и компанија за работа со метали и тешка металургија од Макстил нема. До денеска не зажалив за мојот избор на студии, што ме донесе во најперспективната компанија за тешка металургија, а тоа секако е Макстил,“ вели Михајловска.

Што е тоа екстрактивна металургија?

– Пред да објаснам што претставува Екстрактивна металургија потребно е да се вратиме чекор наназад и да објасниме што претставува металургијата. Велиме дека металургијата покрај тоа што е една од главните индустриски гранки, таа ни ги открива металите и процесите за добивање и преработка на металите и нивните соединенија, соли и отпадни материјали.

Според видовите на метали се дели на црна и обоена металургија. Црната го опфаќа процесот на добивање на железо и челик, додека обоената металургија го опфаќа процесот на добивање на сите останати метали. Трите главни подрачја на оваа многу значајна стопанска дејност се екстрактивната, преработувачката и физичката металургија.

Екстрактивната металургијата се занимава со одвојување на металите од нивните соединенија. Сета онаа обилна количина метали, што се наоѓа во кората на Земјата, не може да се употребуваат во таа форма и треба да се подложат на преработка. Со тие процеси се занимава токму екстрактивна металургија. Всушност, и по завршувањето на процесот на топење, рафинирање и легирање, металите се само делумно обработени.

Како инженер по екстрактивна металургија во Макстил, ги следам и координирам сите овие процеси, се до создавање квалитетен челичен слаб, што понатаму со фина преработка добива практична и корисна вредност.

Од студентски клупи, веднаш во производниот погон на Макстил, како се вклопи факултетското образование во сложените процеси на најголемата металуршка компанија во земјава? Дали ви ја овозможи комплетната едукација или за оваа позиција без потребни дополнителни обуки?

– Да навистина моето искуство беше такво, буквално веднаш по дипломирањето на Технолошко-металуршкиот факултет, ме побараа од Макстил да почнам да работам. Знаењето кое го добив на факултетот беше само основа или подлога за она што допрва требаше да го научам и практично да го применам во работата.

Во текот на овие 14 години работа во Макстил ги поминав речиси сите сектори, како би можела целосно да навлезам во самиот процес на работа на компанијата. Од Оперативен инженер на електролачна печка каде е изработката на течен метал и каде се изработуваат шаржи, па процесен инженер за програмирање за денес да работам како одговорен инженер за планирање и програмирање каде што ја координирам работата.

Низ годините имавме доста обуки со кои што се доусовршувавме како би можеле да ги следиме промените кои што се случуваат во нашата област. Морам да напоменам дека на Технолошко-металуршкиот факултет добив солидно теоретско знаење од областа на металургијата, но недостасуваше практичниот дел за да може уште во текот на студирањето да може подлабоко да се навлезе во процесите на металуршката индустрија.

Колку металургијата е привлечна за изучување и колкава посветеност бара за да се совлада ова поле до степен на практична примена во домашната индустрија?

– Металургијата, или поопшто обработката на металите е една од првите дејности со која почнал да се занимава човекот. Со обработката на металите како да се коваше и создаваше цивилизацијата па сосема нормално дека денес е составен дел во нашиот секојдневен живот.

Секој што имал барем минимален контакт со металургијата, знае дека кога еднаш ќе навлезете во изучувањето, нема да може да излезете надвор од неа. Тоа е, поле, наука и природен процес што постојано се ресоздава и реинвентира, и се развива во многу други области. Може да биде занает, уметност, инженерство зависи само како ќе решите да ја истражувате и третирате.

Нејзината обработка за добивање на чисти метали, процесот екстрактивната металургија, вклучува хемиски, физички, математички процеси, минералогија, инженерски дисциплини и со тоа се добиваат употребни предмети за во индустријата, стопанството, секојдневието. Потребна е голема посветеност за да се совлада ова поле, а знаењето добиено на Технолошко-металуршкиот факултет поттикнува и мотивира за уште, но сепак е применливо во домашната индустрија.

Што би им порачале на младите што се во потрага по факултетско образование и градење професионален профил?

– Да не се двоумат, да се запишат на еден од отсеците на Технолошко-металуршкиот факултет и да ги искористат сите предности кои што им ги нуди ТМФ. Металургијата е сублимат на инженерство, наука, занает, уметност и убавина, што се изучува на ТМФ а се практикува во Макстил. Да се одбере металургија е прифатен предизвик, со труд и љубов да се напредува кон одбраните и однапред зацртани цели.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Топ пет акции со најголем пораст на Македонската берза

Редакција

Твитер во „црвено“ за негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарската академија на науките

Редакција

Убава вест: 320 оздравени од Ковид-19

Редакција