еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Народна банка ги намали проекциите за економски раст за годинава

Народна банка ги намали проекциите за економски раст за годинава.

„Во однос на економскиот раст, и натаму се очекува постепено забрзување во следниот период, но малку побавно во однос на октомвриските проекции. Овие оцени ги одразуваат послабите остварувања во 2023 година, како и оцените за малку понеповолно надворешно окружување и одложено влијание на домашните фактори, односно побавно спроведување на градежните активности поврзани со новите инфраструктурни проекти.

Се очекува дека стапките на раст на БДП ќе изнесуваат 2,6% во 2024 година и 3,6% во 2025 година, наспроти октомвриските очекувања за 3% и 4% во 2024 и 2025 година, соодветно. За 2026 година се очекува умерено забрзување на растот, во услови на поповолно надворешно окружување, постабилен амбиент и поголема склоност за потрошувачка и инвестиции,“ стои во најновиот Квартален извештај на Народна банка во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции за периодот 2024 − 2026 година.

Надворешната позиција на домашната економија и во рамките на најновите проекции се оценува како поволна, при подобри остварувања во 2023 година од очекувањата (остварен суфицит во тековната сметка), главно заради значителното намалување на увозот.

„Постепената нормализација на увозот на суровини и материјали, по падот во претходната година, во услови на стабилно енергетско салдо, ќе биде главниот фактор за остварување умерен дефицит на тековната сметка од 2,4% од БДП во 2024 година.

Во наредниот период, посилното влијание од извозната побарувачка, во услови на стабилизација на цените на енергијата и на примарните производи, ќе придонесе за одредено намалување на дефицитот кај тековните трансакции на нивото од 2,1% од БДП во 2025 − 2026 година.

Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи на финансиската сметка, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се одржуваат на соодветното ниво, гарантирајќи ја стабилноста на девизниот курс,“ стои во извештајот.

Во услови на стабилен и сигурен банкарски систем и постепено ослабување на ризиците за економијата, се очекува дека кредитниот раст умерено ќе забрза во 2024 година, односно ќе изнесува 6,1%.

„Со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата, се очекува забрзување на активноста на кредитниот пазар во наредниот период, при што растот за периодот 2025 ‒ 2026 година би изнесувал 6,8%, во просек.

Кредитната активност ќе биде поддржана и од растот на вкупните депозити, којшто на крајот на 2024 година би изнесувал 7,4% и би забрзал на 7,6% во периодот 2025 ‒ 2026 година.

Ризиците за основното макроекономско сценарио, и од надворешното, и од домашното окружување, опстојуваат и главно се слични со октомвриските проекции. Притоа, неопходно е следење и на политиките коишто влијаат врз агрегатната побарувачка во домашната економија и поголема претпазливост, вклучително и од аспект на пазарот на труд,“ стои во извештајот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Забавување на инфлацијата до 4%, проектира Народна банка

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми со претставка до Вилма Русковска за претресот

Редакција

(ВИДЕО) Директорот на фотографија за „Медена земја“, Фејми Даут снима документарец во Вухан, од каде се почна

Редакција

Кривична пријава за Лидија Димова, сопственикот на В.Е.З. Трејд и двајца соработници во Агенцијата

Редакција