Минатиов викенд се одржа финалниот настан на пилот-проектот прва Национална олимпијада за вселената, на спортскиот аеродром Стенковец.
За време на финалето 8 најдобри тимови од регионалните натпревари земаа учество во Мисијата „Атмосферска извидница“ и учествуваа во работилница, водена од експертот за вградени системи и мехатроника Благој Ќупев, и имаа можност заеднички да подготват експеримент преку поврзување на сензори за мерење на влажност, температура, барометриски притисок, CO2, и загаденост на воздухот (TVOC).
Сензорите како „товар“ потоа ги прикачија на дрон со помош на Марко Лазетиќ, експерт и конструктор на дронови и други летала, а по летањето ги анализираа добиените податоци и разговараа за можните начини на подобрување на експериментот.
Дел од учесниците работеа и на осмислување и креирање на лого за мисијата по примерот на официјалните мисии за летови во вселената организирани од Америчката Агенција NASA.
Учесниците имаа и уникатна прилика да летаат и со балон со топол воздух и да поразговараат за закони од областите физика, кинематика и термодинамика, а на возбудата, љубопитноста и интересните разговори им немаше крај.
Првата Национална олимпијада за вселената е во организација на Њуменс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс со поддршка на Американската Амбасада во Скопје.
Целта на оваа иницијатива е промоција на STEAM вештините и концептот на „граѓанин-научник“ заради зголемување на интересот на учениците од 8 и 9 одделение, како и од средните училишта за природните науки и техничките професии како нивна идна професија.
Претставничка на Амбасадата на САД во земјата го посети настанот и разговараше со учесниците за нивните впечатоци и придобивките од ваков вид на активности каде младите имаат можност тоа што го учат во школските клупи да го применат на повисоко ниво и во пракса.
Во рамки на Олимпијадата на финалниот настан му претходеа 4 регионални натпревари во Гостивар, Охрид, Прилеп и Штип, кои се реализираа од почетокот на година. Иако стануваше збор за прв пилот проект од ваков вид учество земаа вкупно 300 ученици и 40-тина ментори од 20 градови и населени места, од кои 60% девојки, а 25% учесници од рурални средини.
За време на регионалните натпревари учесниците работеа со ментори од училиштата и тимски решаваа предизвици селектирани од јавната дата база на програмата за ученици и едукатори NASA STEM Engagement.
За време на настанот беше промовирана и кампањата „Подари му го најубавиот Новогодишен подарок на Лео„ со тоа што ќе донираш за неговото лекување (#ДонирајЗаЛЕО, #ОдСрцеЗаЛЕО).
Кампањата има за цел прибирање средства за 18-годишниот Леонид Индов, кој беше дел од победничкиот тим AERTH на NASA Space Apps Challenge 2022 од Скопје, а летово доживеа сериозна несреќа за време на летување во Грција, по што му беше направена комплицирана операција на ‘рбетниот столб.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Хуманитарен концерт за Леонид во кафе-бар „Мартини“