Известувач од Љубљана, за еМагазин.мк, Силвана Жежова
Во новата амбициозна деловна стратегија на НЛБ Групацијата, која беше претставена на вториот по ред „НЛБ Ден на инвеститорите“ во Љубљана, голем акцент е ставен и на дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Една од стратешките цели е, учеството на мобилните плаќања да надмине 80 проценти, во чија реализација НЛБ Групацијата има намера да инвестира меѓу 170 и 200 милиони евра во наредните пет години.
Дигитализацијата најповеќе ќе биде насочена кон поддршка на малите и средни претпријатија. Ќе се инвестира во силни мобилни канали преку кои малите компании ќе ги извршуваат своите дневни плаќања.
Членот на Управниот одбор (УО), Антонио Аргир на панелот посветен на дигитализацијата, истакна дека транзицијата на пари од готовина преку дигитални канали се повеќе е присутна последните години, бидејќи постојат иновативни решенија кои што им овозможуваат на клиентите да плаќаат онлајн. Користењето на готовина од 50%, се намалило на 10%.
„Освен развојот на технологијата која што ги овозможува тие дигитални плаќања, мора да се работи и на финансиската писменост, воведување на дополнителни услуги при плаќања со картички.
Финансиската писменост на граѓаните ќе им помогне подобро да ги разберат своите лични финансии, за во иднина да се зголемат приходите, но воедно да се овозможи и борбата против сивата економија и корупцијата,“ истакна Аргир.
Тој додаде дека Банката ќе се обиде повеќе да се поврзе со начинот на работење на трговците, малите претпријатија, при што, ќе се креираат дигитални услуги прилагодени на нивните потреби.
Дигитализацијата ќе има позитивно влијание врз нивната финансиска стабилност, ќе имаат подобар пристап до финансиски услуги кои ќе водат кон подобар развој на бизнисот.
„Ќе наведам еден пример, фитнес центар кој работи само со кеш, има можност за големи грешки во работењето, не пријавува приходи, не плаќа данок. Ако се дигитализира, ќе има можност за подобро планирање на своето работење, ќе се намали можноста за грешки, а дигитализацијата ќе му овозможи на тој мал бизнис да ѝ ги докаже на банката резултатите во работењето, и во иднина, банката да ги поддржи инвестициските планови,“ додаде Аргир.
Членот на УО, Хедвика Усеник истакна дека, иако се планира 80% дигитализација, сепак експозитурите ќе останат за опслужување на граѓани. Експозитурите нема да се фокусираат на малите услуги, туку ќе даваат услуги со дополнителна вредност, ќе може да даваат совети за управување со личните финансии на клиентите.
„Личниот банкар го гледаме како „лекар“ за сите финансиски работи кои граѓаните ги имаат во банката, кредит, штедење, осигурување. Тој треба да ги советува, да им ги понуди вистинските производи за нивните потреби,“ додаде Усеник.
На конференцијата беше истакнато, дека до 2018 година мобилно банкарство користеле 1/3 од корисниците и најголем дел од плаќањата се одвивале во експозитурите. Сега во Словенија 62% од корисниците се со активно мобилно банкарство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
НЛБ Групацијата работи на влез на хрватскиот пазар, прв чекор преку лизинг