Министерството за транспорт го објави јавниот повик за финансиска поддршка за воведување на нови дестинации од Мeѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид за период 2025-2027 година.
Во рамките на тригодишната програма за оваа намена предвидени се средства во висина од 360 милиони денари.
Јавниот повик е отворен и на него можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполуваат следниве критериуми: да поседуваат уверение за исполнување на безбедносни услови за вршење на јавен воздушен превоз, да имаат превезено најмалку 5 милиони патници во 2023 година и да имаат остварено профит од минимум 10 милиони евра во 2023 година.
Финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира и број на седишта понудени на продажба.
Во однос на износот на финансиската поддршка таа ќе изнесува:9 евра во денарска против вредност по патник во доаѓање превезен од Меѓународен аеродром Скопје и 12 евра во денарска против вредност по патник во доаѓање превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид.
„Секоја нова дестинација за која се доделува финансиската поддршка, а ќе оперира од Меѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид, не треба да биде опслужувана во редовен превоз во последните две ИАТА сезони,“ се вели во соопштението на Министерството.
Понатаму, авиопревозникот кој е избран за корисник за финансиска поддршка е должен:секоја нова дестинација воспоставена до/од аеродромите во Скопје и Охрид, за која се доделува оваа финансиска поддршка треба да ја опслужува најмалку два пати неделно во секоја од ИАТА сезоните според однапред утврден ред на летање, да изработи план за промоција и маркетинг на предложените дестинации и на секои шест месеци да доставува извештај до Министерството за транспорт
Краен рок за доставување на барањата за учество во постапката е 7. октомври 2024 година до 10:00 часот, во архивата на Министерството за транспорт.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата наместо авиокомпании, ќе субвенционира дестинации