еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Се бара забрана на увоз на возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“: Гасовите најштетни за пешаците, посебно децата

Забрана на увоз на возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард и ограничување на увозот на нови со минимален „ЕУРО 6“ стандард, е барањето на О2 Иницијатива испратено до премиерот Христијан Мицкоски и Владата, поддржано од повеќе граѓански организации.

Аспектот се актуелизира со најавените пониски даноци на емисијата на јаглерод диоксид и намалувањето на данокот на додадена вредност за увоз на автомобили од 2025 година.

„Ние апсолутно почитуваме дека Владата со оваа мерка сака да обезбеди економски придобивки за граѓаните, со тоа што ќе овозможи увоз на поевтини возила. Но, мора да имаме контрола на тоа што се увезува, бидејќи аерозагадувањето кај нас е многу голем проблем и функционира во сите сегменти. Ова е еден од сегментите што директно влијае на аерозагадувањето,“ изјави Татјана Стојановска.

Ели Пешева го потенцираше проблемот со јавниот превоз и подвлече дека околните држави функционираат на база на јавен транспорт што не загадува, со електрични автобуси.

„Апсолутно сметаме дека и надлежното министерство и Владата генерално и општините, мора да фатат точка по точка да ги решаваат сите овие горливи прашања. Ние неколкупати досега и како О2 иницијатива, но и во коалиција со останатите граѓански здруженија што работат на оваа проблематика, сме доставувале и барања и сме нуделе решенија.

Така што, нема оправдување дека не знаат од каде да почнат или дека се нема начин од каде да се почне,“ изјави Пешева и апелираше да не се двојат ниту такси превозниците, никој да не биде привилигиран на тема, загадување.

Што пишува во барањето?

„Возилата испуштаат повеќе од 200 токсични хемиски соедниненија, што постарите возила ги емитираат во поголема мера. Овие возила, особено со помината поголема километража, покрај зголемената емисија на ПМ честички, што ги активираат проинфламаторните и канцерогени патишта во организмот и другите штетни емисии на гасови, имаат зголемени емисии на многу токсичните јаглеводороди, меѓу кои бензенот, толуенот, етилбензенот, ксилените, бензо-а- пиренот.

Ова се генотоксични, канцерогени и мутагени супстанции, многу опасни по здравјето на луѓето, особено децата.Граѓаните кои пешачат или возат велосипед покрај сообраќајниците кои чекаат на пешачките премини, се најизложени на овие токсични супстанции.

Особено изложени се децата, бидејќи овие емисии се испуштаат во висина на нивните лица и тие најдиректно ги вдишуваат. Заштитата на здравјето на граѓаните мора да биде пред сѐ. Во регионов, вакви услови имаат воведено Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора,“ се додава во барањето на О2 иницијатива.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Банки или лихвари: Просечната камата за штедење 1,39%, а за кредити 6,17%

Редакција

Нема доказ дека притворените лица го убиле докторот Ацо Трпковски, велат од Обвинителство

Редакција

Доматите и краставиците ќе поскапат, ќе се ревидираат замрзнатите цени на 11-те видови овошје и зеленчук  

Редакција