Во присуство на претставници на власта и институциите, дипломатскиот кор, дијаспората и голем број на граѓани во преполната голема сала на КИЦ “Будо Томовиќ” се одржа спектакуларен концерт на “Танец” во Подгорица, информираат од македонската Амбасада во Црна Гора.
Концертот го организираше Амбасадата на Македонија во Црна Гора, со поддршка на Министерството за култура на Македонија, Секретаријатот за култура на главниот град Подгорица и КИЦ “Будо Томовиќ”, а по повод “Денот на независноста” и 75 години од постоењето на ансамблот “Танец”
Настанот беше отворен со химни на двете држави во изведба на Сузана Спасовска и Марина Цуца Франовиќ.
Потоа на присутните им се обратил амбасадорот Зеќир Рамчиловиќ, а по неговиот говор “Танец” се претставил со разновидна програма од својот широк репертоар.
-Публиката беше одушевена од “Тешкото”, “Копачка”, “Мариовска тресеница”, “Жетварка”, “Малешевка” и други кореографии.
Во салата се случи делириум при изведбата на вокалните фолклорни бисери од Сузана Спасовска, како “Кирјана вино продава”, а цела сала ги пееше безвременските песни “Море сокол пие” и “Македонско девојче”, велат од таму.
Фото: македонска Амбасада во ЦГ