Градоначалникот на скопски Карпош, Стевчо Јакимовски е осуден на три години и шест месеци затвор, поради бесправна изградба на општинскиот објект, информираа од Основниот кривичен суд Скопје.
Судскиот процес за овој случај траеше шест и пол години, а Јакимовски е прогласен за виновен за две кривични дела.
За бесправно градење на општинската зграда, му е досудена затворска казна од една година, а за делото злоупотреба на службената должност, три години затвор.
– Со оглед дека на обвинетиот С.Ј. му се суди истовремено за две кривични дела, Судот откако претходно ги утврди казните за секое дело одделно, па за двете дела му изрече единствена казна во траење од 3 години и 6 месеци.
Во изречената казна затвор на обвинетиот му се засметува и времето поминато во куќен притвор, велат од Судот.
За истиот случај Судот го осуди на условна казна и поранешниот вработен во Општината Карпош, Т.Ѓ., за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.
Двајцата обвинети солидарно треба да ја надоместат штетата и имаат право на жалба.
Според пресудата, која не е правосилна, новата општинска зграда за која се осудени двајцата, се одзема во корист на државата.
Според обвинението, во периодот од 2011 до 2017 година, како службено лице, Јакимовски во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на Македонија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
По пресудата Јакимовски вели дека е чист: Целта е да ме тргнат од политичката сцена
Фото: Јакимовски/Фејсбук