еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Уставен времено ги „замрзна“ покачените плати за дел од вработените во Министерството за финансии

Уставниот суд времено ги „замрзна“ покачените плати за 30% за дел од вработените во Министерството за финансии, во Управата за јавни приходи, Царинска управа, Државен девизен инспекторат, Бирото за јавни набавки, Управа за спречување перење пари и финансирање на тероризмот, Управата за финансиска полииција, наведени во Автентичното толкување на Собранието, информираа од таму.

Од овие причини, на денешната седница, Судот, повел постапка за оценување на уставноста на членот 66 став 3  и став  4 од Законот за буџети.

– Ова значи дека во оваа фаза Судот изразува сомнеж во уставноста на сегашното посебно правило со кое се исплаќаат 30 проценти како надополнување на основната плата на вработените, посочуваат од таму.

Можностите се да биде укинато или да биде поништено.

– Укинувањето значи од денот кога стапува во Службен Весник одлуката на Уставниот суд, нема да важи понатаму членот кој што се укинува. Додека, поништувањето значи дека ќе треба да бидат вратени исплатените пари, велат од Уставен.

Според Судот, предвидување на исплата на оној начин како што е уредена во оспорениот став, без претходно да се утврди такво право во закон за вработените е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност и во спротивност со член 32 став 5 од Уставот, според кој остварувањето на правата на вработените се уредуваат со Закон и колективен договор.

– Од друга страна, Судот цени дека со одредбата неосновано е уредено посебна група на вработени да добиваат определен износ изразен во проценти, врз основа на исплата на специфичните задачи и посебната одговорност. Што значи дека со оваа одредба се ставаат во повластена положба само вработените кои се опфатени во оспорениот член и Автентичното толкување, наспроти сите други вработени кај буџетските корисници, што е основ за сомнеж и во поглед на член 9 став 2 од Уставот кој определува дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите, велат од таму.

Од Уставен посочуваат дека оваа одредба, став 3, содржи правни поими кои се нејасни и неразбирливи и недефинирани со ниту еден закон, како што е изразот „надополнување на плата”, бидејќи, како што велат, во Законите постои додаток на плата, а не е познато каква категорија е надополнувањето.

– Во однос на т.н времена мерка, Судот на седницата одлучи да се запре извршувањето на сите поединечни акти или дејствија кои произлегуваат од член 66 став 3.

Ова значи дека до конечната одлука на Уставниот суд, не може да се вршат исплати или надополнување на плата во износ од 30 проценти на конкретните вработени. Времената мерка важи од денот на донесување, односно од денеска. Се работи за буџетски пари, затоа е и донесена времената мерка, велат од таму.

Иницијативата е поднесена од страна на Мирослав Драганов од Скопје.

Тој во истата наведува дека не е јасно кои вработени имаат право на дополнување на основната плата од 30 отсто, кои биле работните места со соодветни специфики и посебни одговорности и врз основа на што се определуваат овие места и кој ќе ги определува.

Наведено е дека со самата законска одредба се воведува основ за арбитрерно постапување на органот на државната управа при определување кој има право на пропишаниот додаток.

Во иницијативата има наводи дека вработените во Министерството за финансии кои вршат специфични работни задачи и имаат посебна одтговорност се доведуваат во неосновано привилигирана положба во однос на граѓаните кои се вработени во други органи на државната управа и вршат специфични задачи и имаат посебна одговорност, со што се ставаат во нерамноправна положба.

Според подносителот, со Автентичното толкување, Собранието постапило спротивно на Уставот и на Деловникот бидејќи во постапката за давање автентично толкување на член 66 став 3 од Законот за буџети ја изменило толкуваната одредба со воведување на нови елементи и како последница на тоа била изменета и дополнета законската одредба спротивно на постапката за донесување на закони.

Фото: Уставен суд

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Централна кооперативна банка со зголемена добивка

Редакција

„Скопје Север“ доби забрана да работи на мазут, директорот Рамадани ќе го обжали решението

Редакција

„Пуцко петрол“ и „Супертрејд“ го добија тендерот на М-НАВ за набавка на горива

Редакција