еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Утревечер на „МакеДокс“ќе се доделат пет награди

Филмската програма на 15. „МакеДокс“ е распоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци.

На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет.

Комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм е во состав Кјара Либерти, Надја Тенштет и Владан Петковиќ.

Кјара Либерти работи како консултантка за дистрибуција и опфат на документарните филмови, а од 2022 година е коуметничка директорка на фестивалот „Биографилм“ во Болоња.

Надја Тенштет е директорка на „ДОК индустри“ на „ДОК Лајпциг“. Работела во областите маркетинг, продажба и набавки во американските дистрибутерски компании „Цајтгајст филмс“ и „Мајлстон филмс“. По враќањето во Европа во 2011 година, работела за меѓународни филмски фестивали и пазари, како што се Филмскиот фестивал во Локарно и Европскиот филмски пазар (ЕФМ) на „Берлинале“.

Владан Петковиќ е новинар, филмски критичар и фестивалски програмски уредник. Тој е новинар сениор во „Синеуропа“, дописник за териториите на поранешна Југославија во „Скрин интернешнл“, еден од уредниците на веб-страницата на Меѓународниот фестивал на документарни филмови – Амстердам (ИДФА) и тамошен програмски советник за кратки филмови.

За наградата „Млад кромид“ од селекцијата „Нови автори“ одлучува комисијата во состав Маел Генег, Игор Анѓелков и Ваутер Јансен. По работењето на разни филмски фестивали, Маел Генег започнува да работи во областа на меѓународната филмска дистрибуција, најпрво со „Поан ду жур“ и „Док и Ко“.

Игор Анѓелков (1974) со медиско третирање на филмската уметност активно се занимава од 90-тите години на минатиот век преку рецензии во различни дневни, неделни и месечни весници, а потоа и како автор на филмската радиоемисија „Редрум“ на „Канал 103“, а веројатно најпрепознатлив е по филмскиот магазин „Филмополис“ на ТВ Телма. Бил член на жиријата на неколку домашни фестивали, а од 2019 година започнува и неговата активност како член на најстарото здружение на филмски критичари во светот, ФИПРЕСЦИ.

Ваутер Јансен е основач на продажната компанија „Сквер ајс“, која претставува смели и авторски внимателно развиени долги и кратки филмови и која заедно со самите филмаџии развива стратегии за фестивалска дистрибуција и продажба на нивните филмови.

Жирито за наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец е во состав Инеке Смитс, Иева Убеле и Мартина Дроанди.

По дипломирањето фотографија и визуелна уметност, Инеке студира филмска режија и пишување сценарио на Националната школа за филм и телевизија во Англија, каде што и магистрира во 1994 година.

Инеке е обучувачка и предавачка, која работи и како советник во разни фондови и организации. Живее и работи во Холандија и во Грузија, како продуцентка во компанијата за филмска продукција „Нуши филмс“ со седиште во Тбилиси. Иева Убеле има широко портфолио кое опфаќа продукција на документарни филмови со фокус на социјални и еколошки прашања.

Од 2019 година, таа ја води својата продукциска куќа „Балтик балкан продакшнс“, посветена на продукција и копродукција на филмови со моќни лични наративи и општествени прашања. Мартина Дроанди е агентка за продажба на документарни филмови и ја основа „ДисФлимс“ (DysFlims), продажна компанија специјализирана за дистрибуција на документарни филмови. Магистрирала режија на документарен филм („ДокНомадс“) и дипломирала социјална антропологија и музика.

За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм одлучува комисијата во состав Јустина Грачнер Ботоњиќ, Ива Росандиќ и Јована Ѓорѓиовска.

Јустина Грачнер Ботоњиќ веќе 13 години предава ТВ-продукција во Средното училиште за мултимедија и графичка технологија во Љубљана, а во последниве две години предава и аудиопродукција.

Ива Росандиќ работи на неколку проекти во областа на културата, со фокус на филмската критика и филмската анализа. Во својата работа особено се интересира за националната и регионалната документарна сцена. Јована Ѓорѓиовска е критичарка, основачка и координаторка на „Гледај.мк“ – платформа за филмска и театарска критика основана во 2018 година, чиј главен фокус е развој на критичката мисла во областа на културата.

Наградата за филм со најдобри етички идеи на 15. „МакеДокс“ ќе ја објави комисијата во состав Себастијан Кајзер, Драгомир Зупанц и Искра Гешоска.

Себастијан Кајзер е роден во источен Берлин и студирал култура и театар во Берлин, Лајпциг и Москва. Од 2008 до 2017 година бил драматург во Народниот театар во Берлин. Ги иницирал серијата разговори за иднината на Европа со Славој Жижек, Јанис Варуфакис, Едвард Сноуден, Жулијан Асанж и други.

Драгомир Зупанц е роден во 1946 година во Љубљана. Во 1971 година дипломира ТВ и филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Бил уредник на забавно-рекреативната програма на ТВ Црна Гора (1985 – 1990) и главен режисер на Радиотелевизија Србија од 1996 до 2010 година. Неговото работно искуство опфаќа реализација на бројни телевизиски програми и филмови, документарни филмови, како и многу ДВД и ВХС-изданија.

Искра Гешоска е основачка и претседателка на Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи уметнички практики. Уште од 1994 година е активна во градењето и зародишот на независниот културен сектор и современите самоорганизациски формати на дејствување во социо-културниот простор. Во 2016 година го основа КРИК – Фестивал за критичка култура и е извршна уредничка на програмата.

Беше директорка на независниот културен центар „Точка“ од неговото формирање, па сѐ до неговото затворање (2002 – 2010), како и уредничка во издавачката куќа „Темплум“ и во списанието „Маргина“ во периодот од 1998 до 2008 година. До сега има објавено над 100 есеи, стручни трудови во сферата на критичката теорија, изведувачките уметности, визуелните уметности и културните политики. Во периодот од 2019 до 2024 беше надворешна соработничка и советничка за прашања од областа на културата на тогашниот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Наградите на 15. „МакеДокс“ ќе бидат објавени и врачени на последната вечер, на 22. август, во 20 часот, во Куршумли ан.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Меѓународниот Аеродром Скопје акредитиран со Здравствен сертификат за аеродроми од Меѓународниот совет на аеродроми (ACI)

Редакција

(Фото) Жените од Шуто Оризари конечно добија матичен гинеколог

Редакција

Нова изложба со дела од колекцијата на МСУ – „Дефрагментација„ подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка

Редакција