Известувач од Анталија, за еМагазин.мк, Силвана Жежова
Она што не се пропушта да го направите додека сте на одмор во Анталија е да отидете на рафтинг во кањонот Копрулу.
Во целата таа област, има бројни компании кои го нудат ова незаборавно искуство, но домаќини на инфо-групата на Фибула, беа Посеидон рафтинг кои топло ги препорачувам.
Авантурата започнува од збирното место каде што се дели опремата, односно оделата за рафтинг и веслата. Од таму со џипови се упативме на сафари, кое е посебно доживување независно од рафтингот.
Се вози низ шума, низ река, се поминува низ тесни мовчиња под кои бојата на водата е нереално тиркизна. Мостовите наликуваат на мостот во Зович, а кој не бил, прво таму нека појде.
Местото е заштитено културно наследство, а целата природа идеална за овој тип на авантуристички туризам. За време на џип-сафари се застанува на неколку места, од кои погледот од висина кон целиот кањон, остава без здив.
По спуштањето кон реката, од таму всушност започнува вториот дел од авантурата наречена рафтинг. Секој, барем еднаш во животот треба да искуси такво нешто. Во регионот кај нас, најпозната за рафтинг е Тара. Но ниту реката во кањонот Копрулу не е за потценување.
Во чамците, секој од групата има по еден водич кој пред тргнување дава кратки инструкции за веслањето. И потоа, авантурата може да почне. Реката на одредени места е мирна, на други побрза, но има и брзаци на кои водата буквално влегува во чамецот и вие практично сте потопени.
Но се е безбедно, бидејќи пред тргнување добивате елеци за пливање, кои ве држат на површината на водата. И да паднете, ништо страшно. Водичите се умешни и со брзина на светлината ве вадат од вода.
На одредени места водата е плитка и мирна и таму, е дозволено капење. Но чувството е дека пливате на вливот на реката Дрим во Охридско Езеро, кај Св. Наум, толку е студена.
Но, добро доаѓа тоа ладење, откако претходно ќе се препотите за време на џип-сафари, во одела како сардини.
На неколку места по течението на реката, има фотограф кој ги лови најинтересните моменти за време на рафтингот. По завршувањето добивате фотографии и видео, кои се многу вреден спомен, бидејќи повторно и повторно ќе ве потсетуваат на забавните моменти за време на „пловењето“.
Откако рафтингот ќе заврши, со џипови се враќате на збирното место каде што ја оставате опремата, а домаќините веќе подготвиле ручек.
Во понудата се мислело на секој детаљ, а она што им останува на туристите е само да уживаат и да се понесат добри спомени од тоа место. Кањонот Копрулу, дефинитивно ќе остане врежан во сеќавањата за една незаборавна забава.
Идеален за љубители на аутдор активности.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во хотелите во Сиде, ќе се чувствувате како дома
(Фото) Кемер се одликува со хотели со многу зеленило, и погледи кон море и врвови на планини