еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Јаневски: Туризмот не треба да биде скапа играчка во рацете на мало дете

Љупчо Јаневски е експерт за туризам и поранешен директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот. Моментално е ангажиран експерт на УСАИД за развој на туризмот во Босна и Херцеговина. За развојот на туризмот во Македонија вели дека потребна е нова архитектура на туристичкиот сектор со создавање на Министерство за туризам и спорт и прераснување на Агенцијата за туризам во Национална туристичка организација.

Јаневски, во каква состојба ја оставивте Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и дали бројките кои ги промовирате се реални, бидејќи во јавноста провејува „потсмев“ дека бројките се само желба?

-За да одговорам на ова прашање, на македонската јавност треба да објасниме во каква состојба ја преземав Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на почетокот од 2018 година. Не е тајна доколку кажам дека тогашниот имиџ на институцијата не беше на високо ниво, односно имаше внатрешен долг од приближно 7 милиони денари, повеќе судски спорови за проекти и неплатени побарувања, голем број нерешени предмети за субвенционирање и долг од неколку милиони евра за неплатени решенија од 2015, 2016 и 2017 година кон странски туроператори. Имаше простории кои воопшто не беа соодветни за Агенцијата а за условите во Скопје и комисијата за субвенционирање во Струга воопшто и да не се потсетуваме!

Екстремно лошата поставеност на човечките ресурси со само еден раководител на сектор и сите останати вработени на ниво помлади соработници, недостатокот на процедури, стратешки планирања и истражувања создаваше одредена конфузија во работење на институцијата со голема отсутност во соработката со туристичките работници и еснафот. Поради екстремно лошата програма за работа во 2018 година и буџетирањето, на првиот саем во Софија патував со автобус, додека моите колеги и промотивниот материјал патуваа со полуисправно комбе. Мора да се заблагодарам на голем број општини, кои низ годините помагаа со носење на нашиот промотивен материјал, додека ние се снаоѓавме како знаевме и умеевме.

Но, но ништо не беше тешко кога се работи за државата. Тоа не беше се, бидејки во чекор решававме тековни проблеми од секаков карактер и продолжувавме напред. Еден од најголемите предизвици на самиот почеток беше заканата од еден од најголемите туроператори со стопирање на чартерите за 2018 година доколку не му се дадат гаранции за заостанатите плаќања. Тој и понатаму оперира од нашата дестинација, бидејќи исплатите се вршат тековно а договорот е исполнет во целост кон сите туроператори, без разлика дали се домашни или странски.

Има уште многу да се пишува што наследивме во АППТ, но тоа е за многу подолги мемоари за кои сега е премногу рано! Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот создаде уникатна методологија за работа која се базира на истражувања, податоци и реални статистики, иновативен пристап во промоцијата кои се компарираат и преточуваат во годишни стратешки планирања на институцијата во кои се вградени сите предлози на туристичкте комори и советот на Агенцијата.

Максималната транспарентност и презентирање кон јавноста за тоа што е сработено и ќе се работи од народните пари стана препознатливост на АППТ. Стратешките планирања и поставените цели и покрај тоа што многупати преставуваа чудење и дури беа и основа за потсмев, се реализираа и тоа може да го презентираме преку бројки.

Во 2017 година имаме повеќе од 2,7 милиони ноќевања во Македонија, додека во 2019 година повеќе од 3,2 милиони остварени ноќевања. Врз македонскиот туристички сектор големо влијание имаше и промената на името на државата, оставајќи не без туристички бренд, како и пандемијата на Сарс ков 2 која го застана светот. Сепак, туризмот продолжи да работи, достигнувајќи бројки со кои се гордееме сите и се блиску до бројките од 2019 година.

Не смее да се занемари фактот дека во 2011 година, туризмот учествувал со 0,2% во БДП, во 2018 со 1,9%, додека во 2023 година речиси со 4% во БДП на Македонија. Во 2017 година, 331 милион долари од туризмот, во 2023 година блиску 600 милиони долари во македонската економија. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот пред моето заминување создаде специфична организациска култура, организациска меморија и висок имиџ на државата преку примена на туристичката дипломатија. Нов модел на субвенционирање, Е-туризам платформа која треба да се гради, предлог за Дестинациски Менаџмент Организации -ДМО, нова систематизација со четири сектори како предуслов за национална туристичка организација, проекти кои ќе изградат дестинација базирана на одржливост со педесет села – педесет рурални приказни, Ено-гастро концепт и искористување на европските проекти. Вложувањето во човечки ресурси и континуираните обуки создадоа нова структура во институцијата, израснувајќи ги вработените во стручни професионалци на полето од туризмот.

На 27.12.2023 година, Агенцијата ја оставив со тековени плаќања од приближно 150.000 денари и редовна исплата на субвенциите кон туристичката индустрија. Мојот последен потпис го ставив на решение за вработување, за што сум исклучително горд. Се останато што треба да биде цел на АППТ е запишано во последното стратешко планирање за 2024 година. Се под 3,5 милиони ноќевања за оваа година треба да се смета за неуспех во македонскиот туристички сектор.

Моментално сте ангажиран експерт на УСАИД за развој на туризмот во Босна и Херцеговина? Дали некој од Македонија ги користи вашите експертски познавања и знаења, кои се релевантни за меѓународната организација УСАИД?

– Благодарам за прашањето кое ја прикажува македонската реалност. Мојот ангажман во Босна и Херцеговина е голем професионален предизвик поради специфичноста на дестинацијата и нивото на оваа туристичка индустрија. Фокусот е кон поставување и развивање на дестинацискиот менаџмент и создавање конкурентна туристичка дестинација во регионот.

Изненаден сум од можностите на ова поле кое ги нуди Босна и Херцеговина, професионалниот пристап, ентузијазмот и големата желба која провејува низ состаноците. Градењето и подигнувањето на капацитетите во туристичката индустрија ќе бидат проследени со дополнителни подобрувања на полето на промоцијата, поддршката на дестинацијата со паралелно туристичко брендирање во самата дестинација.

Кога е во прашање мојата татковина повеќе сум фокусиран на  ИПА-проектите на Европската унија, односно на меѓу граничната соработка со нашите соседи од каде може да се обезбедат голем број средства преку реални проекти кои ќе имаат голем ефект во македонскиот туристички сектор. Токму овие денови развиваме концепт со колегите од Република Грција за зајакнување на капацитетите на локалното население од двете страни на границата за практикување на Еко-туризам, кој според мене е иднината на македонската туристичка индустрија, пред се во руралните средини и заштитените подрачја. За ова да стане реалност, потребна е синергија од сите засегнати страни, пред се на државата која треба многу брзо да изгради долгорочна визија во туристичката индустрија на Македонија. За тоа се потребни вистинските професионалци на вистински места!

Вие сте и доцент доктор на Универзитетот Скопје, поранешен Универзитет за туризам и менаџмент во Скопје. Како оди развојот на научната кариера и имаме ли идни успешни научници и практичари во туризмот?

– Како увертира на прашањето, ќе споделам една вистинска случка од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, кога бев дел од одделението за анализа, истражување и стратешко планирање и презентирав нови практики во туристичката индустрија. На крајот од презентацијата тогашниот директор ме праша „зошто измислувам термини, бидејќи не постои терминот Еко-туризам“.

Дали има подобра потврда доколку станете доктор на науки а вашиот докторат е на полето од Еко-туризмот и одржливоста на дестинацијата. Кариерниот развој на секоја индивидуа е потврда на неговата работа. Кога ќе се спојат и двете, се добива стручно и научно искуство кое соодветно треба да биде пренесено на генерациите од кои се градат идните професионалци во туристичката индустрија. Доволно теорија применета во практични услови со воведување на сите светски практики од Светската Туристичка Организација – UNWTO ги нуди Факултетот за туризам при Универзитетот Скопје, според кој е препознатлив.

Таму има одлична клима за развој насочена кон истражувања и надградба на професорскиот кадар и студентите кои се насочуваат да ја градат иднината во Македонија. Ние како генерации сме должни, преку личниот пример, да помогнеме во одлуките на генерациите кои ги создаваме доволно подготвени веднаш да стапат на работните места и да придонесат во развој и зајакнување на македонскиот туристички сектор.

Успеа ли Македонија да се промовира како туристичка дестинација која привлекува туристи во текот на целата година?

– Во последните години успеавме да ги увериме сите дека можеме. И не е потребно да трошиме време во барање изговори, туку да ги „засукаме ракавите“, бидејќи резултатите го покажуваат тоа. Многупати сакаме да се споредуваме со други дестинации во растот и бројот на ноќевања на туристи и колку ние како дестинација  доцниме. Единствено не сакаме да го видиме патот изоден до тие резултати и да работиме за достигнување на реалните цели пред нас. Туризмот не е спринт на сто метри, туку маратон кој стратешки се  трча во цела негова должина и со исто темпо!

Потребно е да се воведе национален туристички бренд и да се реализира национална туристичка кампања со која Македонија ќе биде видлива и доволно конкурентна на туристичкиот пазар. Продолжување на практиката за 100% online промоција на примарните и секундарни пазари со вградување на сите останати елементи на промотивни канали, олеснувајќи ја работата на туроператорите со кои теба да сме партнери. Промоцијата не преставува трошок, туку вложување во дестинацијата. Туризмот не треба да биде скапа играчка во рацете на мало дете. Не смееме да бидеме отсутни од најзначајните саемски манифестации на носечките пазари, создавајќи лоша порака кон партнерите од тие земји. Туризмот  е премногу комплексен и треба да биде долгорочно поставен како стратешка цел на државата во наредната декада!

Кои се вашите предвидувања за македонскиот туризам во наредните неколку години?

– Пред се, потребно е нова архитектура на туристичкиот сектор со создавање на Министерство за туризам и спорт, прераснување на Агенцијата за туризам во Национална туристичка организација. На тој начин ќе се овозможат и долго очекуваните промени со законот за туризам кој ќе предвиди Дестинациски менаџмент организации – ДМО, туристичка инспекција и туристичка полиција. Не е возможно да се размислува за нови инвестиции во сместувачки капацитети доколку, според Светската туристичка организација, сивата зона во македонскиот туристички сектор изнесува 45%, што е преголем притисок врз останатите во оваа бранша.

Треба да се создаде платформата Е-туризам со која, во реално време, ќе може да се добијат релевантни податоци за туристите, туристичката такса, транзитните туристи и други типови плаќања важни за други институции како МВР, Министерството за финансии, УЈП и други. На овој начин ќе почне дигитализацијата, додека секторот ќе се фокусира во деловите каде е најпотребно. Да се воведе новиот модел за субвенционирање (предложен од моја страна во 2019 година) и новиот модел  во 2023 година кој е поминат на владина седница за домашните туроператори и чека правилник од Министерството за економија.

Реални мерки за туристичката индустрија кои се базираат на истражувања и ефектите кои ќе ги предизвикаат пред застарени краткорочни мерки кои немаат рамномерен ефект на целата дестинација и немаат мерливост. Многу наталожени работи за чие започнување е потребна политичка волја и поставување на оваа област како една од приоритетните економски гранки за следните пет години. Смешна е тезата дека се случува туризмот во Македонија, а луѓето секако патуваат низ светот! Јас би дополнил дека е трагично така да се размислува од луѓе на кои очигледно им се случува платата која ја земаат секој месец за ваки размислувања!

Во овој момент, во македонскиот туристички сектор, според Светската туристичка организација, се вработени 35.000 луѓе што преставува 4,7% од вкуниот број вработени со девизан прилив од приближно 600 милиони долари за 2023 година или блиску 4% од БДП. Со ова се надминува проектираната цел и за 2024 година. Доволно аргументи за да продолжиме со туризмот и создаваме иднина токму овде каде сме свои на своето.

Целта од 3,5 милиони ноќевања во 2024 година во македонскиот туристички сектор, која е зацртана во стратешкото планирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, е остварлива доколку професионализмот се подигне на уште повисоко ниво, генерирајќи финансиски средства од сите моќни донатори за нејзино реализирање!

Во овој момент не го делам оптимизмот дека оваа година ќе имаме поголем раст од 3% во споредба со 2019 година, но повеќе би се фоксирал на втората половина од годината кога треба да се градат стратешките плановите за 2025 година во која не чекаат големи предизвици во туризмот. Далеку позади нас е времето кога се кажуваа туристичките потенцијали, бидејќи е време кога се тоа треба да го преточиме во нови атракции, инвестиции, зелени работни места, валоризации на туристичките дестинации, да ги зајакнеме човечките ресурси на локално ниво. Бидејќи каков туристички сектор ќе изградиме, во таков туристички сектор ќе работиме и оставиме на генерациите после нас во Македонија!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Шекеринска нема да биде дел од новата Влада

Редакција

„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија, ББ+ со негативен изглед

Редакција

Новогодишната ноќ низ Македонија поминала мирно, со 30% помалку пријавени настани од лани, велат од МВР

Редакција