еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Ќе остане ли ССМ без зградата, Врховен одлучил дека сопственик е државата

Со одлука на Врховниот суд зградата на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) преминува во сопственост на државата, а за одлуката денеска реагираа од Сојузот, посочувајќи дека оваа е најголем напад за егзистирањето на ССМ досега.

„Поради сè што правевме во минатото, организирањето на протестите, штрајковите, борбата за подобрување на работничките права, борбата за зголемување на платата на работниците, очигледно беше кнедла во грлото на многу функционери, на многу судии, на многу избрани и именувани лица, кои сакаат на некој начин да го дисциплинираат синдикалното движење во Македонија, да го дисциплинираат ССМ и на таков начин да го уништат“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов

Зградата на ССМ е изградена од средства на работниците во 1958 година, а во истата се инвестирани 430 милиони тогашни динари или повеќе од 8 милиони долари во денешна противвредност. Тоа е имот што е граден од членарина, пред сè, од пари на работниците, од платата на работниците, посочи тој.

„Врховниот суд донел некаква пресуда, која ги поништува сите постапки почнати од 1992 година од тогашните влади, функционери, правобранители, кои се во име на ССМ, врз основа на целокупните аргументи.

Повеќе од 15 судски пресуди, шест само во последниот случај од 2005 година до денеска, повеќе од 15 решенија на управни институции, управни органи, преиначува, поништува и кажува дека поради претпоставка дека синдикатите во тој систем не можеле да располагаат со толкави средства, поради претпоставка дека одлука е повисока од Уставот на државата во тој систем и денеска и поради тоа што денешните судии што претседавале со советот во Врховниот суд, кои тогаш не биле родени или биле во пелени, одлучуваат на каков начин одлучувале тогашните органи на таа држава, од која Македонија била дел.

Сме успеале да го зачуваме имотот на работниците, сме се бореле, а Врховниот суд нè спречил општествениот имот на граѓаните, и работниците и на фирмите да биде разграбан од олигархијата и тоа што ние успеавме да го зачуваме денеска сакаат да го земат.

Работничкиот дом го преживеал катастрофалниот земјотрес во 1963 година, ќе го преживее и потресот од Врховниот суд. Дали Врховниот суд ќе ги преживее потресот и гневот на работниците и гневот на ССМ, останува да видиме.

Жално е што денеска во Македонија ни се случува истото како во 1933 година во фашистичка и нацистичка Германија“, рече меѓудругото тој.

Одлуката е по тужба од државата, велат од Врховен

Од Врховниот суд пак информираа дека се одлучувало по тужба од државата, а пресудата била донесена уште во ноември лани, и дека ССМ ќе мора и да ѝ плати на државата.

Од таму велат дека на 9. ноември 2023 година е донесена пресуда во кој државата е тужител против Сојузот на синдикатите на Македонија за утврдување право на сопственост на недвижен имот кој претставува „административна зграда како објект од општ интерес за државата“.

Во образложението на пресудата се наведува дека Врховниот суд одлуката ја донел врз основа на член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, според која имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост.

-Предметниот објект- административна зграда и земјиште се сопственост на тужителот, согласно одредба од член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, бидејќи правниот претходник на тужениот, истите ги изградил и стекнал во поголем дел со средствата добиени од тужителот како правен следбеник на тогашната НР Македонија, а не со сопствени средства, со оглед дека истите во периодот на изградба на објектот, со својот правен субјективитет немал ниту можел да има сопствени средства.

Во периодот кога е изградена предметната недвижност, правниот претходник на тужениот бил општествено политичка организација, која не обавувала стопанска дејност, поради што немала и не можела да има сопствени приходи за стекнување на имот.

Согласно член 1 од Одлуката за определување објекти и работи чии инвестициони програми ќе ги одобрува Одборот за стопанство на извршниот совет („Службен весник на НРМ“ број 23/58), инвестиционите програми за објектите и работите што се од општ интерес за НРМ ќе ги одобрува Одборот за стопанство на Извршниот совет, а според член 2, како објекти од општ интерес во смисла на одредбите од претходниот член, се сметаат покрај другите и објектите од општествен стандард, чија вкупна вредност го надминува износот од 100 милиони динари, без оглед на изворите на средствата, освен објектите од станбена зграда, поради што неспорно произлегува дека предметната недвижност е ствар – добро од општ интерес за Републиката, се вели во образложението за одлуката на Врховниот суд.

Во пресудата, меѓу другото, се вели дека Врховниот суд ја преиначува одлуката на Апелацискиот суд и на државата ѝ го дава правото на сопственост на недвижниопт имот од 13 ката со вкупна површина од 8..684 м2, како и подрумски простории и површина пред зградата.

Во пресудата, Врховниот суд наведува дека претходно тужбата од државата кон ССМ како неоснована ја отфрлиле прво Основниот граѓански суд Скопје, а потоа и Апелација.

Пресудата ја донел совет на Врховниот суд составен од судиите Шпенд Деваја, претседател на советот и од членовите Јелица Крстевска, Наке Георгиев, Анита Бошковска и Исамедин Лимани.

Фото: ССМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

1.264 нови случаи на Ковид-19 од 3.897 тестирања

Редакција

Кој е Игор Милев кој Владата го предлага на местото на Зоран Китанов во Македонски телеком

Редакција

Драматичен раст: Нови 999 случаи на Ковид-19 од 7.245 тестирањa

Редакција