еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

60 компании со фиктивни проекти направиле дупка од 3,2 милиони евра во Фондот за иновации, откри директорот Додов

Новиот в.д. директор на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Никола Додов, денеска на прес-конференција соопшти дека 60 компании од различни дејности за пет години направиле дупка од 3,2 милиони евра во ФИТР преку злоупотреба на доделените финансиски средства за фиктивни проекти, кои не ги дале очекуваните резултати.

Оваа како што посочи тој е откриено во внатрешната ревизија во ФИТР, која уште трае.

-Во рамките на ревизијата која се спроведува, од вкупно 60 компании кои се предмет на истрага веќе се поведени постапки за наплата на побарувања пред надлежен извршител, додека дел од нив се во постапка за поднесување на кривични пријави и граѓански парници по кои понатаму ќе постапува надлежното обвинителство, односно надлежните судови.

Според нашите наоди вкупниот износ што овие компании го должат во државниот буџет е 192.888.642 денари, што е приближно некаде околу 3,2 милиони евра, рече тој.

Ревизијата утврдила и дека 50 приватни здравствени установи користеле средства од Фондот за набавка на медицинска апаратура за време на ковид-кризата, што е спротивно на Законот за трговски друштва.

Внатрешната ревизија утврдила и несоодветни договори и сомнителни практики во работата на претходните раководства на ФИТР во изминатите пет години, од кои дел вклучуваат фирми поврзани со политички функционери, договори со правни неправилности, конфликт на интереси и прикривање податоци.

Директорот соопшти и дека за време на истрагата откриле дека неколку фирми се корисници на повеќе грантови за слични или идентични проекти, што според него го отвора прашањето колку е транспарентен и ефикасен системот на доделување грантови.

Ревизијата дошла и до информации кои упатуваат на сомнителни практики во управувањето на јавните средства. Додов посочи компанија, во која според него, раководството било во непосредна роднинска врска со високи функционери од претходната влада на СДСМ и ДУИ, но не кажа за која компанија станува збор. Нејзиниот управител не само што добивал финансиски средства од Фондот, туку истиот бил управител на уште четири други фирми кои исто така имале добиено средства за иновации и технолошки развој, посочи директорот.

Ревизијата открила и неправилности во раководењето со човечките ресурси во Фондот. Во Фондот имало само осуммина вработени кои биле во редовен работен однос, додека заклучно со август годинава на платниот список фигурирале 40 лица кои биле ангажирани со договор на дело и чии хонорари изнесувале и по 60.000 денари или околу 1.000 евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Каков имот пријавил Горан Трајковски

Редакција

Заев: Објавивме се што знаевме за случајот со Мартин Нешковски

Редакција

Доктор Трајковски ги објаснува симптомите на делта варијантата: „Луѓето не се сигурни дали е коронавирусот или грип“

Редакција