еМагазин
Image default
Бизнис

77% од корисниците не ја знаат постапката за рекламација кај поштенски оператор

Дваесет и четири проценти од физичките лица опфатени со истражување на Агенцијата за пошти рекле дека воопшто не примаат пратки преку електронска трговија, 20 проценти примаат до две пратки годишно, 19 проценти до пет, а 20 проценти до 10 пратки годишно.

Оние кои примаат пратки почесто во текот на годината се испитаници од 18-44 години, студенти/ученици, вработени во приватен сектор, со вишо или високо образование и со повисоки месечни примања.

Повеќе од половина од испитаниците, односно 60 проценти, интернет нарачките на пратки ги прават во внатрешниот поштенски сообраќај, а 40 проценти во меѓународен.

Оние кои во поголем број нарачуваат во државава се на возраст од 18-24, од 55 до 64 години, како и испитаници над 75 години, невработени, студенти/ученици, пензионери и приватници/сопственици на бизнис, стои во резултатите од истражувањето спроведено од 10 ноември до 5 декември 2022 година.

Од деловните корисници на поштенски услуги, пак, 23 проценти годишно нарачуваат 20 и повеќе пратки, 20 проценти нарачуваат до 10 пратки, 14 проценти до пет пратки, а 12 проценти до две пратки. Триесет и еден процент воопшто не нарачуваат пратки преку интернет на годишно ниво.

Мнозинството од испитаниците опфатени со истражувањето на Агенцијата за пошти, 77 проценти не се запознаени со постапката за поднесување рекламации кај поштенскиот оператор за изгубени, оштетени поштенски пратки и пречекорување на рокот за достава, а 23 проценти изјавиле дека се запознаени со оваа постапка.

Испитаниците кои се запознаени со постапката во поголем број се на возраст од 18 до 24 години, учениците/студентите или сопствениците на приватен бизнис.

Нешто повеќе од две третини од испитаниците, 70 проценти, воопшто не испраќаат писма на месечна основа, а 18 проценти изјавиле дека испраќаат до две писма.

На прашањето поврзано со цената на стандардно писмо која изнесува 25 ден, 56 проценти се многу или донекаде задоволни, а 34 проценти ниту се задоволни, ниту не се задоволни. Дури 41 процент од испитаниците би платиле повисока цена за услугата за достава на пратка нареден ден или за два дена.

Нешто помалку од половина од испитаниците, 46 проценти, се донекаде задоволни, додека 23 проценти се многу задоволни од поштенските услуги.

Главни причини за незадоволство од поштенските услуги според истражувањето на Агенцијата за пошти се проблемите со доставата (88 проценти), краткото работно време (63 проценти) како и застарените процедури и цените на поштенските услуги со 50 проценти.

Речиси две третини од испитаниците 62 проценти сметаат дека е во ред, Пошта на Македонија да ги обезбедува своите услуги не само во нивните деловни простории преку нивниот персонал, туку и преку договорни пошти (приватни продавници, продажни места, трговија, бензински пумпи).

Со оваа идеја се согласуваат во поголем број најмладите од 18-24 години, но и постарите од 65- 74, невработените, учениците/студентите…

Најважен фактор за квалитетот на обезбедување на поштенските услуги според мнозинството од испитаниците (78 проценти) опфатени со истражувањето на Агенцијата за пошти, е брзината на преносот на поштенски пратки, како и цената на поштенската услуга со 61 процент. Исто така важни се и факторите на локацијата на поштенските единици и цена на поштенската услуга.

Најкористени поштенски услуги во државава се подигање пакет, 57 проценти, прием и подигање на писма, сметки, честитки на домашна адреса (51 процент) и подигање препорачани пратки (50 проценти).

Половина од испитаниците односно 49 проценти, ги посетуваат поштенските единици еднаш месечно.

Најважни критериуми за избор на поштенска единица која се посетува се личното подигање на поштенски пратки 67 процент, и локацијата 62 проценти, како и работното време 53 проценти.

Повеќе од половина од испитаниците немаат предлог како да се подобрат условите за пристап до поштенски услуги 59 проценти. За побрза достава на пратките се изјасниле осум проценти, додека за постоење на повеќе филијали шест проценти.

Две третини, 68 проценти, користеле поштенски услуги од друг давател на поштенски услуги покрај услугите на Пошта на Македонија, а најголем дел од нив, 81 процент, користеле услуги од Карго.

Главни причини за користењето на овие конкурентски компании се брзината на достава 83 проценти, брзина на прием 61 процент, како и итноста 53 проценти.

Само 17 проценти од испитаниците изјавиле дека знаат за постоењето на збирни сандачиња за прием и достава на пакети, 46 проценти рекле дека би ги користеле.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Роамингот за македонските граѓани со земјите од ЕУ ќе поевтини за 30%

Редакција

ММФ ѝ одобри на Македонија помош од 176 милиони евра за справување со последиците од корона вирусот

Редакција

Во минус вредноста на акциите на најсилните компании на Македонската берза

Редакција