еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Владата ќе позајми 155 милиони евра од шест домашни банки за да враќа кредит од 2013 година

Владата на последната седница ја разгледувала предлог-одлука за задолжување на државата кај Комерцијална Банка АД Скопје, НЛБ Банка АД Скопје, Стопанска Банка АД Скопје, Охридска Банка АД Скопје, Халк Банка АД Скопје и Шпаркасе Банка АД Скопје по договорот за краткорочен кредит за отплата/рефинансирање на дел од долгорочен кредит во износ од 155 милиони евра (втора рата од PBG заем склучен во 2013 година) кој доспева за плаќање на 29.01.2020 година.

Ваквото задолжување го најави и министерката за финансии Нина Ангеловска при презентацијата на предлог-буџетот за 2020 година.

Таа тогаш соопшти дека проектираниот буџетски дефицит за 2020 година изнесува 17,4 милијарди  денари, односно 2,3% од БДП, согласно определбата за постепена фискална консолидација, која ќе допринесе за одговорно располагање со парите на граѓаните.

Притоа, покрај за покривање на дефицитот, ќе бидат потребни и 43,2 милијарди денари за отплати на долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2020 година изнесуваат 60,6 милијарди денари.

„Овие средства ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар. Задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање на Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти.

Понатаму, задолжувањето на домашниот пазар ќе се реализира преку краткорочен домашен кредит како и преку издавање на државни хартии од вредност, со што ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги историски ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите.

Сумарно, нето-задолжувањето, односно разликата меѓу ново задолжување и отплата на стари долгови во 2020 година ќе изнесува 19,7 милијарди денари (12,3 милијарди денари нето-домашно задолжување преку државни хартии од вредност и 7,4 милијарди денари нето-надворешно задолжување).

Со овие средства, ќе се покрие буџетскиот дефицит од 17,4 милијарди денари, а на сметка ќе се акумулираат 1,1 милијарди денари како депозит (и дополнително ќе се отплатат 1,5 милијарди денари структурни обврзници за денационализација и обврзници за надоместување на селективни кредити на НБРСМ).

Акумулирањето на депозити на сметка е особено значаен елемент, и укажува на водење на одговорна фискална политика, која перцепира стабилност на долг рок. Стабилноста на долг рок подразбира државата да биде подготвена за навремено враќање на големите и скапи кредити кои беа земени во минатото, а кои треба да се вратат со буџетот за 2020 година и како и во наредните буџетски години.

Во овој контекст треба да се имаат во предвид 2020 и 2021 година  кога за враќање доспеваат околу 835 милиони евра само по основ на само три големи претходни задолжувања (втора рата од PBG заем од 2013 година во износ од 155 милиони евра, евро-обврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година и остаток од еврообврзница од 180 милиони евра издадена во 2015 година). На овој износ треба да се додадат и останатите  отплати на долгови на домашен и странски пазар“, соопшти Ангеловска.

Засега не се знае под какви услови планира Владата да се задолжи кај домашните банки односно колкави ќе бидат каматите за овој кредит.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ќерката на починатиот тетовец од коронавирусот кој престојуваше во Заводот за рехабилитација, бара истрага за несовесно лекување

Редакција

Економските директори на клиниките и официјално заминуваат во историјата

Редакција

Починаа пет лица од Ковид-19, вкупно до сега 5.413

Редакција