На 21.02.2020 во 17.10 часот на ул.„Филип Втори Македонски“ во Скопје поточно во Министерство за животна средина, Е.Д.(26) од Неготино,С.Ц.(22) од Битола, И.Б.(34) од Скопје, Ј.Н.(19) од Скопје, како и една 16 годишна малолетничка од Скопје го нарушиле јавниот ред и мир по чл.27 од ЗППЈРМ со испишување на графити во вид на дланки од раце на прозорците на Министерството и натпис на плочникот пред прозорците со цел покренување акција за Еколошка свест, соопшти МВР.
Оттаму додаваат дека сочинети се пет записници за констатиран прекршок против лицата.
Станува збор за млади активисти од движењето „Fridays for future“. Тие на нивната Фејсбук страна информираа дека при реализирање на протестна акција, обезбедувањето на Министерството за животна средина донело арбитрарна одлука да ги задржи и да повика полиција, создавајќи непотребна тензија околу обичен креативен перформанс.
Отстранување на еко-активисти од герила акција пред МЖСПП
Радио МОФ сними како изгледаше денешното отстранување на еко-активистите на Fridays For Future Skopje за време на герила акцијата пред Министерството за животна средина.
Posted by Радио МОФ on Петок, 21 февруари 2020
„Нашата акција имаше цел да ја крене свеста за загадувањето и климатските промени не само кај јавноста туку и внатре во институцијата за животна средина. Наместо тоа се соочивме со нечовечки пристап кој само ја потврдува вистинитоста на пораката што сакавме да ја пренесеме.
Поради една безопасна герила акција која укажуваше на индолентноста на властите околу проблемот со животната средина, нашите активисти беа предмет на вознемирување, заплашување и испрашување како да извршиле терористички, а не симболичен акт во интерес на општото добро“, велат оттаму.
Оттаму додаваат дека еколошкото движење во Македонија со години наназад протестира, а последнава година протестите се најмасовни до сега.
„Сепак, власта нема слух за нас, чијашто мисија е еколошка правда во Македонија. Затоа и се одлучивме на ваков чекор кој безбедносните структури непотребно го ескалираа.
Над 3.600 луѓе, меѓу кои и деца, умираат годишно од рак. Овој број постојано се зголемува, а Властите не преземаат никакви мерки веќе со години. Поради ова, и покрај притисоците, ние немаме намера да отстапиме од нашата мисија.
Во целата оваа голгота денеска, по полициската демонстрација на моќ, на наше барање, Хелсиншкиот комитет дојде на лице место да ни понуди помош во остварувањето на нашите права. Благодарност до нив“, велат оттаму.
Фото/Видео: Фејсбук/Fridays for future/Радио МОФ