Министерот за здравство Венко Филипче апелираше граѓаните да ги откажат патувањата во регионот на Северна Италија доколку немаат итна потреба.
Тој ја повтори информацијата на Министерството за надворешни работи, кое во дописот до медиумите, информираше дека нема информации дека наши граѓани се заболени од корона вирусот во Северна Италија.
-Утрово имавме состанок со Комисијата за заразни болести на којшто присуствуваа претставници на граничната полиција и го подигнавме нивото на внимателност и подготвеност на сите наши институции.
На аеродромот, мерките ги прошируваме не само за патниците коишто доаѓаа од Кина, преку конекциите во Истанбул и Дубаи, туку практично за сите патници коишто сега ќе бидат скенирани на местото, каде што се влегува во делот за царина. Денеска бевме во интензивен контакт со нашиот конзул во Венеција. Во овој момент нема податоци дека имаме заболени или под опсервација наши граѓани во Италија.
Се организиравме и го замоливме конзулот, доколку постои механизам тој биде известен доколку група наши граѓани сака да се врати во нашата земја, на тој начин ќе имаме дополнителни информации каде и кога тие би се појавиле на граничните премини, потенцираше министерот Филипче.
Филипче рече дека е разработен посебен прашалник, кој е во рацете на граничните полицајци и царинарници, кои постапуваат според тој прашалник. Патниците се прашуваат од каде доаѓаат, дали евентуално од некој од критичните региони, дали биле во контакт со заболени, без разлика каде.
Врз основа на одговорите, граничната полиција стапува во контакт со регионалниот Центар за јавно здравје или со Институтот за јавно здравје во Скопје, а понатаму доколку има некој патник, којшто би бил потенцијален пациент во смисла на појава на некои симптоми или да бил во контакт во изминатиот период се постапува согласно алгоритмот.
Тоа значи дека епидемиологот го сместува тој патник во посебна просторија на граничниот сувоземен премин, каде што се прават проверките, се прави тестирањето и понатаму се постапува согласно резултатите.
-Доколку има некој заболен со корона вирусот, тој се спроведува по соодветен пат од Здравствениот дом во Скопје со подготвен тим до Инфективната клиника во Скопје, каде постои еден дел за изолација, односно доколку е потребен и карантин.
Доколку има патници коишто треба да се опсервираат и да се пратат, за тоа се подготвени инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, како и инфективните одделенија во болниците во Велес и во Гостивар, по потреба, во зависност од тоа колку граѓани ќе треба, ако воопшто треба да се опсервираат, информираше Филипче.
Центарот за управување со кризи денеска ќе одржи состанок во 17 часот, по што ќе бидат дадени насоки за патувања во Италија кои пред се се однесуваат на екскурзиите како и на аранжманите за 8 март.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Превенција од коронавирусот: Маски за еднократна употреба, кои се најевтини, НЕМА
Како да се заштитите од корона вирусот: АПЕЛ за целосно почитување на превентивните мерки
Корона вирусот може да затвори кумановски чевларски компании кои извезуваат во Северна Италија
Фото: Влада