еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

По повеќе од година од првото закажано рочиште, конечно почна судењето за „Талир“

По повеќе од година од првото закажано рочиште за судењето за предметот „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Кривичниот суд во Скопје странките дадоа воведни говори.

Случајот, поради промена на составот на судечкиот совет почна од почеток и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е обвинителката Ленче Ристевска.

Во воведниот збор, обвинителката Ристевска рече дека ќе докажат како обвинетите презеле низа активности за финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, што се спротивно законските одредби за финансирање на политичките партии, а со тоа оствариле финансиска предност од околу 4.6 милиони евра во однос на другите партии.

– Со предложените вербални и писмени докази ќе докажеме дека обвинетиот Никола Груевски ја искористил својата позиција во општеството и организирал противправно финансирање на партијата.

Во тоа бил помогнат од обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, изјави Ристевска.

Посочи дека активностите не престанале со обезбедување на противправно обезбедување на средства за политичката партија и дека ќе докажат дека обвинетите Илија Димовски и Леко Ристоски организирале уплата на тие средства од лица, како да уплатуваат сопствени парични средства, со цел тоа да се покаже како легитимно финансирање на партијата.

Обвинителката, нагласи, дека ваквите околности ќе ги докажат со искази од предложените сведоци и докази кои ќе бидат презентирани во текот на главната расправа.

Одбраната на обвинетиот Никола Груевски, во воведен збор, рече дека ќе докажат дека обвинетиот Груевски не ја злоупотребил својата позоција и остварил протовправна финансиска корист за партијата, тоа ќе го докажат, како што наведоа, со фактот дека партијата ВМРО-ДПМНЕ има голем број симпатизери и поддржувачи кои ја финансираат во согласност со Законот за финансирање на политичките партии.

– Ќе докажеме дека е невистинито тврдењето дека тој или друг од партијата користеле противправни начини за финансирање на партијата, преку давање противуслуги на правни лица за давање јавни услуги за централаната и локалните власти, изјави адвокатката.

Одбраната, посочи таа, ќе докаже дека ЈО не може да докаже надвор од основано обвинение дека обвинетиот Никола Груевски го сторил кривичното дело за кое се товари.

Одбраната на обвинетиот Кирил Божиновски, во воведен говор, наведе дека со изнесување на докази ќе докажат дека тој не ги сочинувал завршните извештаи и не ги организирал наводните уплати на средства за политичката партија.

Посочи дека пред судот се водат уште два предмети со многу слично обвинение „Титаник“ и „Талир 2“, што создава забуна и најави дека размислуваат да побараат спојување со предметот „Талир 2“.

Одбраната на обвинетиот Миле Јанакиески, во воведен збор, рече дека на прво место обвинението не смеело да биде прифатено со оглед на рокот до кога смеело да биде поднесено истото, но и дека нема опис на делото за кое се товари.

– Божиновски и Јанакиески се обвинети дека помогнале на извршителот Никола Груевски како одговорно лице во политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а диспозитивот на обвинетелниот акт никаде не зборува за посебни овластувања и должности кои ги прекршил Груевски за да може вака да се постави обвинението. Па, ако според тој опис Груевски не можел да стори кривично дело за кое се товари, во што тогаш го помагале обвинетиот Јанакиески и Божиновски. Што да Ви докажувам со ваков опис, па се гледа дека нема опис и нема дејствие, рече адвокатот.

Посочи дека банките и финансиските институции ги примиле средствата за кои се вели дека се нелегално уплатени, но не ги гледа во судот.

– Но, тие и не би можеле да бидат тука, зошто се е на законски начин. Ќе докажеме дека сите уплатени средатва се за членарини и донации. Не постои ништо дека Јанакиески и Божиновски знаат за некои средства кои се слеани на сметката на ВМРО-ДПМНЕ се од сторено кривично дело. Каде е инкриминираниот прилив на пари, ако потпишаниот извештај е предмет ревизија на еминентна ревизорска компанија, рече адвокатот.

Одбраната на обвинетиот Леко Ристовски, во воведен збор, наведе дека ќе докажат дека тој не го сторил делото со изведување на анализа на предложените докази.

Поради промена на составот на судечкиот совет, Судот на почетокот на денешното рочиште ја потврди одлуката за судење во отсуство на обвинетиот Никола Груевски, а обвинителството и одбраната, рекоа дека остануваат на предложените листи со докази.

Обвинетиот Миле Јанакиески, образложувајќи ја листата на докази, рече дека предлагаат графолошко вештачење, но тоа ќе го изработат и достават кога во земјата ќе има лиценциран графолог, укажувајќи дека од 2018 нема графолог со уредна лиценца.

– Предложените 839 сведоци се повикани во насока да се покаже дека сите уплати се уредно вршени во присуство на сведоци, вработени во банки и членови на месни и извршни комитети. Нашата цел е да покажеме дека ВМРО-ДПМНЕ не се финансира ништо поинаку од другите партии во земјата, рече Јанакиески.

Судот, рече дека се одбиваат дел од доказите предложени од адвокатите на одбраната, од причина што се предложени на исти околности и се во насока на одолговлекување на постапката.

Првото рочиште за случајот „Талир“ се одржа на 18 февруари 2019 година. Во случајот обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“.

Чингаровска призна вина и се спогоди со Обвинителството, за што доби условна казна од две години.

За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Православните христијани го слават Бадник

Редакција

Првата трансплантација на срце во Македонија успешна, огромен успех за македонското здравство

Редакција

ЗСФ-КОМ и Современ дом ја зголемија сопственоста во Скопски пазар

Редакција