Градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, на својот фејсбук-профил објави дека е позитивен на коронавирусот.
Ова е трет случај на заразен со Ковид-19 во општината, поради што локалната самоуправа нема да работи до деветти септември.
-Почитувани пријатели, роднини и сограѓани,
Ве информирам дека по појавата на втор позитивен случај на Ковид-19 од редовите на општинската администрација, вчера на сопствена иницијатива направив тест, кој е позитивен. За таа цел во следниот период се повлекувам во домашна изолација.
Во исто време сите вработени од денес до деветти септември ќе бидат ослободени од работните обврски, а општината нема да работи освен за итни и неодложни потреби, напиша Мицевски на Фејсбук, повикувајќи ги сите граѓани да ги почитуваат мерките и препораките на надлежните.
Мицевски засега е во добра здравствена состојба, а има само благо покачена телесна температура.
Екипи на хигиено-епидемиолошката служба на Центарот за јавно здравје Крива Паланка веќе прават целосна дезинфекција на работните простории и возниот парк во општината.
Покрај ова, денес во Крива Паланка е регистриран уште еден заболен од Ковид-19, машко лице на возраст од околу четириесет години.
МИА/Фото: Фејсбук/Борјанчо Мицевски