Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски на денешната прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче, на новинарско прашање во однос на тоа дали се размислува за воведување на полициски час, рече дека во моментов не се разгледува тоа прашање, но оти за во идниот период сите мерки стојат на располагање.
„Ние како Комисија не сме ги исцрпиле сите мерки што може да му ги предложиме на министерот. Во ниту една европска дружава нема полициски час, освен во Франција. Дали во перспектива тоа може да се направи? Ние во моментов не размислуваме, меѓутоа епидемиолошки сме на идеја, доколку ништо од ова не се почитува, што ни останува понатаму,“ рече Караџовски.
Тој информираше дека анализата на епидемиолошките податоци во последниве три дена кога имаме драстично зголемен број позитивни лица укажува дека одредени настани се главната причина за поголемиот број на случаи, како на пример, настаните – концертите, журките, се тоа што беше видено на телевизија.
„Причина се групирањата и непочитувањето на мерките или непочитување во таа смисла што никој не носеше маска. Значи, тоа што постојано го кажуваме како наша препорака е дека држење дистанца од два метра, носење заштитна маска и дезинфекција на рацете се основните мерки за да нема случаи.
Очигледно, во периодот што е позади нас, тоа не се почитуваше и тоа е факт. Голем дел од овие анкети со самиот факт што инфицираните се на возраст меѓу 20 и 39 години, ни кажува дека тоа се луѓе коишто биле таму каде што може да се направи журка, настан, промоција, во некој локал во којшто не се почитуваат мерките.
На прашањето, што се случува во Европа, не треба ние да бидеме премногу паметни да речеме дека имаме типичен есенски бран на ковид.
Ние ова го предвидовме уште пред 4-5 месеци, и министерот и комисијата, неколку пати кажувавме дека ќе дојде тој есенски бран.
Ако ме прашате епидемиолошки, јас мислам дека есенскиот бран малку подрани, во смисол временските услови не се такви да имаме групирање строго во затворен простор, меѓутоа со доаѓањето на сезонскиот грип, оваа шанса за зголемување на бројот поради групирање, ќе биде поголема.
Заради сето тоа и заради ова што беше речено претходно предложи до главниот кризен штаб, до министерот и до Владата предложи да се усвојат два сета на мерки. Едните би се усвоиле во текот на следната недела преку собраниски измени на Законот за заштита на населението од заразни болести, и втор сет на мерки коишто во понеделник ќе му ги презентираме на главниот кризен штаб на премиерот и на Владата“, потенцираше Караџовски и додаде дека не се исцрпени сите мерки кои може да бидат предложени на министерот.
Тој апелираше на почитување на мерките.
„Ве молам и медиуми и население, самите ако не си помогнеме на себе, не може да ни помогнат уште 500 доктори, 500 сестри, 20 болници. Сето тоа ќе се исполни брзо, ние како што знаете работиме од март месец па наваму. Бараме помош од сите, медиуми, политички партии, широко население.
Јас би апелирал на широкото население. Да ги почитуваме мерките заради фактот дека тоа го правиме заради нас, нашите најблиски, нашите фамилии. Непочитување на мерките ќе не одведе до огромен број на заболени, ќе не одведе до преполнување на болничките капацитети.
Ние може да правиме ротации, и колегите да ги правиме од една установа во друга, меѓутоа бројот на тие луѓе е ограничен. Ние не можеме да измислуваме нови епидемиолози, нови инфектолози. Треба 4,5,6 години да се направи тоа.
Дајте да се здружиме сите заедно, како мерка која може сите заеднички да ја спроведеме. Ние може да предложиме уште сет на 10 мерки, меѓутоа за некои од нив не размислуваме во моментов на денешен ден.
Затоа што, чекаме да видиме овие два, три дена како ќе се развива актуелната состојба и да видиме на министерот да му предложиме, од понеделник натаму ако состојбата не се подобри и ако овие мерки кои ги предлагаме не успееме да допрат до населението, секако стојат сите мерки на располагање,“ истакна д-р Караџовски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче: Сериозен процент од новозаболените не знаат каде се заразиле
Фото: Влада