еМагазин
Image default
Македонија

Кумановци позитивни на Ковид-19 не ги кажуваат контактите

Ковид-позитивните кумановци ги кријат контактите во последниве два месеца, за тестирање се чека од четири до пет дена, бидејќи има голем број ординации кои закажуваат преку „Мој Термин“, но резултатите во овој период стигнуваат за ден-два. За Куманово се очекува негативна епидемиолошка состојба во наредниот период, информираше на денешната седница на советот, епидемиологот Д-р Јадранка Стаменковска одговарајќи на советнички прашања.

Објаснувајќи го процесот, таа кажа дека заразените ги кажуваат само членовите на најтесното семејство, не и пошироките контакти, кои во одредени случаи самите се пријавуваат.

– Свесно избегнуваат изолација и знаеме дека сите контакти на позитивното лице 14 дена треба да бидат во домашна изолација, тоа е тој период доволен лицето да биде изолирано да не се шири инфекцијата.

Потенцирам дека сè помал број контакти се пријавуваат. Ако во првите месеци во март или април на еден позитивен имавме од 10 до 15 лица контакти, сега се помалку, така што на едно позитивно лице имаме по два-три контакти, рече епидемиологот.

Податоците, појасни таа, се обработуваат истиот ден, списокот се доставува до МВР, до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во текот на 24 часа се подготвуваат решенија.

Таа очекува и во наредните месеци неповолна епидемиолошка состојба. Во Центарот дневно се прават околу 25 тестирања, има пункт, Центарот има и екипи кои теренски земаат брисови, по претходно закажани термини од матичните лекари.

– Тој број се движеше до вчера околу 25 лица дневно, денеска имаме зголемен број на тестови на 33, изјави д-р Стаменковска.

Проценката за земање брис ја прави матичниот лекар. Во Куманово се чека од четири до пет дена, а во градот има 103 пријавни единици. Тестирање прави и болницата.

Центарот за јавно здравје Куманово очекува околу 3.000 вакцини против сезонски грип кои преку Министерството за здравство ќе бидат бесплатни за дел од граѓаните, за лица во ризични групи, хронични заболувања, возрасни над 65 години, а ќе се набават и комерцијални.

Бесплатните вакцини ќе одат преку „Мој термин“, а кога ќе започне вакцинацијата ќе бидат известени матичните лекари и населението.

– Куманово се справува во вонредна состојба со двајца епидемиолози и скромен тим во Центарот за јавно здравје, рече кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој им оддаде признание за пожртвуваноста на епидемиолошката служба за справување со состојбата во градот.

Покрај кумановци, Центарот ги опслужува и жителите на Липково и Старо Нагоричане.

-Оваа институција која во минатото сите ја занемаруваме, и кога доаѓаа точките на совет поминуваат така, но сега сфативме што значи сериозна епидемиолошка служба и систем за превенција од заразни болести, се покажа како квалитетни луѓе внатре и со сериозно изграден систем со оглед на ресурсите, но пресудно беше човечкиот фактор и знаењето, два епидемиолози за Куманово, Липково и помалите општини во регионот во состојба на епидемија. Ви оддавам признание, рече Димитриевски.

Советниците побараа тестирањето и во државните и во притватните клиники да биде на товар на Фондот за здравствено осигурување.

МИА/Фото: Општина Куманово

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Немало обид за киднапирање на деца во Карбинци, велат од МВР

Редакција

(Галерија) Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за здравство: Се бара оставка од Венко Филипче

Редакција

Слободни 23.903 места за упис во средните училишта во второто пријавување од јунскиот рок

Редакција