Седмичниот билтен на Центарот за јавно здравје од Охрид што ги опфаќа општините Охрид, Дебрца, Струга, Вевчани, Дебар и Центар Жупа покажува дека во периодот од 24 до 30 октомври лабораториски е дијагностицирано присуство на Ковид-19 кај 195 лица и тоа кај 120 од Општина Охрид, кај 54 од Струга и 21 лице од Општина Дебар.
Изминатата седмица од вкупно земените 231 материјал за испитување 105 се собрани според епидемиолошки индикации (лица кои исполнуваат критериуми за дефиниција на случај), а 126 материјали зе земени при тестирање со упат од матичен лекар-Мој термин.
Во Охрид има 232 активни случаја на Ковид-19, во Струга 101, а во Дебар 58.
Во односниот период оздравени се 27 лица од Охрид, 31 лице од Струга и 13 лица од Дебар.
Изминатата седмица се регистрирани десет смртни случаи поврзани со Ковид-19, од кои два во Охрид, пет во општина Струга и три во Дебар.
Кога станува збор за вкупниот биланс од почетокот на епидемијата заклучно со вчерашниот ден Ковид-19 е регистриран кај вкупно 1.860 лица, од кои 702 лица во општините Охрид и Дебрца, 822 лица во општините Струга и Вевчани и 336 лица во општините Дебар и Центар Жупа.
Црниот биланс за целиот период од избувнувањето на епидемијата во односниот регион изнесува 23 починати пациенти од општина Охрид, 75 од општина Струга и 18 од Дебар и Центар Жупа.
Од Центарот за јавно здравје во Охрид предупредуваат дека во овој период коронавирусот е широко распространет во локална трансмисија и со засилена активност, со апел за одговорно однесување и придржување кон мерките и препораките за заштита од Ковид-19.
-Во овој момент единствен начин да се спречи инфекцијата и ширењето на вирусот е строго придржување и примена на превентивните мерки за заштита од Ковид-19 и тоа правилна употреба на заштитните маски, одржување социјална и физичка дистанца, избегнување јавни собири и групирања, како и често миење раце, посочуваат од Центарот за јавно здравје – Охрид.
МИА